Бранителот на обвинетиот Шофкет Хазари, адвокатот Петре Шилегов, на почетокот на денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани повика Јавното обвинителство да земе предвид две неодамнешни одлуки на Врховниот суд, во кои, како што рече, недокажувањето на причинско-последичните врски меѓу обвинетите било причина за укинување на пресудите.

-И по 6-7 години од сега, да не се случи и во овој предмет истото, да не се трошат ресурси залудно – изјави Шилегов.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште реагираа на барањето на Шилегов.

-Aдвокатот Петре Шилегов повторно бара Јавното обвинителство да го преиспита кривичноправниот настан повикувајќи се на други предмети. Но не може да се ставаат во ист кош 13-годишно незаконско работење на „Пулс“ со друго обвинение. Тоа се разни случаи и разни основи на одговорност – изјави Александар Наунов.

Ние, родителите, нагласи Наунов, многу добро знаеме зошто обвинетите денес седат на обвинителната клупа.

-Кој требаше да ја гарантира безбедноста на граѓаните и законското работење ако не надлежните институции? Тогаш зошто постојат Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и другите контролни органи? Кој бил должен да ги контролира безбедносните планови, елаборатите, минимално техничките услови и лиценците? Токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, според обвинението, придонеле за загрозување човечки животи и за трагичните последици – изјави Наунов.

Судењето продолжува со сослушување на Османли Јоргов, техничко лице, кое ги изготвило вештиот наод и мислењето на барање на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци проект“.
​
Случајот се наоѓа во доказна постапка со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.
​
Процесот почна на 19 ноември 2025 година кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 физички и три правни лица. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
​
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.