Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека никаква владина офанзива не се подготвува против контролираната од бунтовниците сириска провинција Идлиб и увери дека Москва сака да ги зачува животите на цивилите од тековните операции.

На германско – рускиот форум во Берлин, Лавров рече дека „тоа, кое во моментов ни се претставува како почеток на офанзива на сириските сили со руска поддршка е лошо претставување на фактите. Сириските сили и ние реагираме само на напади од подрачјето на Идлиб“.

Лавров истакна дека руската страна прави се што е можно, земајќи ги предвид овие прашања и ќе отвори хуманитарни коридори, ќе склучи договор за локално примирје и ќе стори се за да не настрадаат цивили.

Областа Идлиб е последното упориште на вооружената опозиција против сирискиот претседател Башар ал-Асад, но 60 проценти од неа се под контрола на џихадистичката група Хајат Тахрир ал Шам, составена најмногу од борци од поранешниот клон на Ал Каеда во Сирија.

Според ОН, околу  три милиони луѓе, половина веќе се раселени по други региони на Сирија, живеат во Идлиб и во малкуте региони под контрола на бунтовниците во соседството.