Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави дека Москва е отворена за разговори со Западот за војната во Украина, но дека сè уште нема добиено сериозна понуда за преговори.

Лавров на државната телевизија изјави дека официјални лица, вклучително и портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјавиле дека САД се отворени за разговори, но Русија ги отфрлила.

– Тоа е лага, не сме добиле сериозни понуди за контакт, изјави Лавров.

Лавров рече дека Русија нема да отфрли средба меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на следниот состанок на Г-20 и дека ќе го разгледаат предлогот доколку го добијат.

– Многу пати сме кажале дека никогаш не одбиваме средби. Доколку има предлог, тогаш ќе го разгледаме, изјави Лавров.

Зборувајќи за можноста Турција да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Западот, Лавров рече дека Москва ќе биде подготвена да ги слушне сите предлози, но не може однапред да каже дали тоа ќе доведе до резултати.

Тој додаде дека турскиот претседател Ердоган ќе има можност оваа недела во Казахстан да му ги претстави предлозите на Путин.