Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров оцени дека условите поставени од Европската унија за преговорите за членство на Србија се „геополитичка вежба“, јави дописникот на МИА од Белград.
Тоа е чиста геополитичка вежба. Тие на претседателот Вучиќ му говорат да се откаже од Косово и да се приклучи на антируските санкции, за да потоа ќе видат, изјави Лавров за телевизијата „Русија24“, истакнувајќи дека „таква е ЕУ“.
Тој додаде дека се чини дека Анкара одлучила дека повеќе не сака да се занимава со „неплодна и бескорисна работа“, додека Белград ги потврдува своите аспирации за влез во ЕУ.
Пред некој ден побараа да не ги заборават кога ќе почнат преговорите со Украина и Молдавија, рече Лавров.
Тој, исто така, го нарече „игра“ интензивирањето на реториката на европските лидери за членството на Киев во ЕУ.
Ова најмногу го говори (шефот на Европската комисија) Урсула фон дер Лајен. Подготвуваат некои препораки, ги испраќаат, самите признаваат дека Украина не исполнила значителен дел од критериумите. Киев преку устата на министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеба вели: што ќе ни се овие критериуми, тие треба да се примат без услови. Сето тоа не можам да го разберам. Ми се чини дека ова е игра, продолжување на политиката што ЕУ ја водеше по исчезнувањето на Советскиот Сојуз, заклучи Лавров.