Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) изјави дека референдумите во Донбас, Херсон и Запорожје се одговор на повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски до Русите да ја напуштат Украина.
– Земјите од Западот стануваат страна во конфликтот во Украина. Особено е циничен односот на оние земји кои ја пумпаат Украина со оружје и воена опрема, обучувајќи го персоналот на вооружените сили на таа земја, рече Лавров.
– Целта е очигледна, не ја кријат и ја објавуваат: да се прошират борбените операции што е можно повеќе, без разлика на жртви и уништувања, за да се подели и ослабне Русија. Таквиот став укажува на директно вклучување на западните земји во украинскиот конфликт, ги прави учесници, изјави шефот на руската дипломатија.
Тој додаде дека „наместо да се обидат да побараат од раководството во Киев да ги спроведе договорите од Минск, и Берлин и Париз и Вашингтон цинично замижуваа пред отворените закани на Киев дека проблемот со Донбас ќе се реши со сила, таканаречениот план ’Б‘“.
Во Украина, истакна Лавров, „долги години се спроведува целосна мобилизација на населението, вклучително и жените, со цел да се регрутираат во редовите на неонацистичките баталјони и вооружените сили на Украина“.
Москва нема да дозволи Западот да ја користи Украина како отскочна даска за закани по безбедноста на Русија, рече Лавров.
За време на седницата, рускиот министер ги повика западните земји и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да ги објават имињата на луѓето чии тела беа покажани во Буча.
– Апелирам уште еднаш, во присуство на генералниот секретар и министрите: инсистирајте кај украинските власти да преземат елементарен чекор и да ги објават имињата на луѓето чии тела беа изложени во Буча. Ова го барав долго време, никој не ме слуша, никој не сака да реагира. Почитуван генерален секретар, ве молам искористете го вашиот авторитет“, рече Лавров.
Украина на 3 април ги обвини руските сили дека извршиле масакр во Буча, во близина на Киев, а локалните власти соопштија дека се убиени 419 лица.
По својот говор Лавров ја напушти салата во која заседаваше Советот за безбедност на ОН.