Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, утрово допатува во Кина, во прва посета откако Москва пред еден месец започна инвазија врз Украина.
Руското Министерство за надворешни работи потврди дека Лавров слетал во источниот град Хуангшан, објавувајќи фотографии од делегатите како излегуваат од авионот и како се пречекани од кинески здравствени службеници во заштитни костими.
Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји денеска се сретна со неговиот руски колега во источната кинеска провинција Анхуи, јави државната телевизија ЦГТН.
Лавров ќе присуствува на серија состаноци организирани од Кина, на кои ќе се разговара околу начините за помош на Авганистан. На средбите се очекува да присуствуваат претставници од САД како и од соседните држави на Авганистан – Пакистан, Иран, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.