Западот сака да ја претвори Русија во „послушна“ и пријатна територија за остварување на сопствените интереси и тие напори ќе се зајакнуваат уште повеќе, изјави во своето обраќање рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по повод Денот на дипломатијата.

– Сите обиди на Русија да биде независна, да го спроведува своето право на независна надворешна политика, на заштита на меѓународното право, се соочуваат со се пожестоко спротивставување на оние наши западни колеги кои сакаат да нè направат во голема мерка послушни. Тие сакаат да нè натераат да се согласиме со нивните прилично сомнителни толкувања на универзалните вредности, кои тие самите ги наметнуваат и се спротивни на руските културни традиции, нагласи Лавров.

Според него, Западот сака да ја користи Русија како пријатна територија за остварување на своите интереси во областа на безбедноста, економијата и општествено-политичкиот живот.

Лавров нагласи дека силата, знаењето и искуството на руските дипломати треба да се активираат во насока на постојан развој на надворешната политика на земјата.