Предводникот на нашата најдобра селекцијаКирил Лазаров истакна дека „лалињата“ се екстра-квалитетен тим кој игра многу добар ракомет и ќе мора да се испотиме ако сакаме победа.

„Холандија покажа дека се работи за екстра-квалитетна репрезентација, игра модерен и брз ракомет и ќе мора добро да е намачиме и испотиме ако сакаме да дојдеме до победа. Целиот ден го искористивме за нивна анализа, иако и за време на подготовките гледавме натпревари, чисто тука ги споредивме дали се работи за истите работи што ги играат и мислам дека имаме шанси, треба позитивно да размислуваме. Малку ме загрижува повредата на Томи Јагуриновски, тоа беше голем хендикеп, па дури и за последниот натпревар со Норвешка, кога ние бевме во егал, ни фалеше таков играч кој покажува квалитет. Ни се приклучува на негово место Давид Савревски, дебитант, но ракометар со голем потенцијал. Секој играч ни е добредојден. Ќе се обидеме да ја покриеме таа позиција и со друг играч, не само со Мартин Серафимов, затоа што ќе биде тешко да се издржи во тој ритам шеесет минути. Серафимов ја заслужува шансата и мислам дека ќе одговори квалитетно на предизвикот“, изјави Лазаров.

„Лук Стајнс му е продолжена рака на тренерот, исто како што е во ПСЖ, така е и во Холандија. Многу работи ги забележува, се адаптира и ги поставува играчите на натпреварот. Тој е нивниот најголем квалитет, селектор како Олсон со таков играч верувам дека е задоволен. Се игра на високо ниво, нешто како на Европското првенство во Унгарија. Во секој момент знаат што прават и дефанзивно и офанзивно и мора добро да се подготвиме. Нашиот следен натпревар мора да го сфатиме сериозно и мора шеесет минути да бидеме екстра-квалитетни. Ние сите сакавме да направиме изненадување како Македонци, но Норвешка беше повеќе од квалитетен ривал. Мислам дека како што поминува времето, така ќе се врати расположението кај сите. Со вакви натпревари оваа генерација ќе расте“, заврши селекторот.