„Заминал со бугарски пасош“, каков што не поседувал, „заминал преку Тирана“ со авионска компанија која одамна не постои, „заминал преоблечен во женска облека“ објавија скопски будимпештанци…
Тоа се само дел од наслови во провладините и медиуми блиски до власта, кои се натпреваруваат кој ќе објави посензационална и пооцрнувачка сторија за поранешниот премиер Никола Груевски, кој пред два дена побара азил во Унгарија.
Министерството за правда на Бугарија денеска ги демантира информациите објавени во некои медиуми дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски избегал во Унгарија со бугарски пасош.
– Никола Груевски не е бугарски државјанин и не поднел документи за бугарско државјанство. На Груевски не му е издаден бугарски пасош од Министерството за внатрешни работи, соопшти бугарското Министерство за правда.
Денеска се шири вест дека „Груевски заминал преку Тирана“, со редовен лет за Будимпешта со авиокомпанијата Малев:
– Добивајќи информација од своите соработници во системот на власта дека полицијата се подготвува да го уапси, Груевски со лажен пасош ноќта ја преминал македонско-албанската граница и илегално стигнал во Тирана. Таму бил прифатен во Амбасадата на Унгарија, а потоа со првиот утрински лет на унгарската компанија „Малев“ тој од Тирана пристигнал во Будимпешта. Екипажот на авионот воопшто не знаел кој е патникот со шешир и очила за сонце, кои не ги симнувал ниту во авионот, пренесуваат македонските медиуми објава на Политика.
Патем, таа авиокомпанија, не постои можеби повеќе од една деценија. „Патувал со бугарски пасош“, за кој официјалните бугарски служби потврдија дека не го поседувал…
Вчера провладините, но и други медиуми во Македонија, како наполитанка ја голтаа веста што „стигна од унгарските медиуми“ дека Груевски „преоблечен во женска облека заминал во Унгарија“.
Но, за волја на вистината, и оваа сензационална вест не е од Унгарија, туку е од македонската кујна, од македонски академик кој сакал да биде духовит и на академско ниво. Потоа истата вест ја објавил медиум во Унгарија, а веднаш потоа македонските медиуми лажната вест ја голтаа како локум, наведувајќи дека ја објавија унгарските медиуми, за да звучи поавтентично и побомбастично…
Овие денови со сигурност не е лажна вест само една: Дека има премногу лажни вести со цел да се оцрни Груевски, а да се обели образ на актуелната власт.
Димитар Грумар