Кризна состојба, институциите проследуваат информации, а истовремено, на социјалните мрежи се пласираат дезинформации. Телефонскиот број 193 не престанува да ѕвони, меѓу повиците и по некоја лажна дојава. Секој со својата цел, граѓаните во паника. Непроверените информации долеваат масло на огнот, а лажните дојави ги одвлекуваат силите на погрешни места.

И во екот на неумоливата огнена стихија што во изминатиот период беснеше на територијата на Македонија, не изостанаа дезинформациите ниту, пак, лажните дојави. Сето тоа, дополнително ги разгоре пожарите и го отежна справувањето со нив.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, споделува дека во изминатиов период, додека секојдневно биле на терен со сите надлежни екипи кои, како што кажа, „неуморно даваа сè од себе за да ги изгаснат пожарите“, се соочиле со голем број лажни вести, кои несомнено им нанесувале штета на активностите што ги преземале при справувањето со пожарите.

Тој нагласува дека во такви чувствителни моменти, какви што се справувањето со елементарни непогоди, во конкретниот случај пожари, последиците од лажните вести се врз јавното добро и засегнати се голем број граѓани.

– Свесен сум дека медиумите, сакајќи да ја зголемат својата гледаност и читаност, бараат сензационални вести, кои многу често се и лажни. Мора да се има предвид дека не е иста штетата што ќе се нанесе доколку се пренесе, на пример, некоја лажна вест за некој настан или за позната личност, политичар, пејач, глумец, и да се дистрибуираат лажни вести во вакви специфични ситуации, посочува директорот на ЦУК.

Како пример го издвојува пожарот во Кочани, кога дел од пренесуваните вести беа дека изгореле голем број куќи, и со тоа создадоа голем страв, паника и недоверба кај тамошното население.

– Вистината беше дека, иако пожарот беше голем и страотен, освен што имаше еден изгорен покрив и неколку стари неупотребливи возила, не дозволивме да се случат поголеми штети и, што за мене е најважно, немавме човечки жртви, вели Ангелов.

Потсетува и на веста што произлезе од социјалните мрежи со наводно украдената моторна пила на австриските пожарникари, со која, како што кажа, „се извалка достоинството на локалното население, кое даде голем придонес во ставањето под контрола на големиот пожар во Малешевијата“.

Ангелов не ги изостави ниту позитивните моменти од известувањето на одредени медиуми, за кои кажа дека често се случува од информација што новинарите ја добиле дури и побрзо од нивните служби, веднаш да бидат известени и да дејствуваат брзо, со што спречиле или навремено санирале одредена опасност пред да направи поголеми штети.

Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, вели дека дезинформациите, во смисла дека гори на три километри подалеку од некоја сува трева или грмушка, а е пренесено дека горат куќи и луѓето не сакаат да ги напуштат и едвај спасуваат жива глава, се проблеми што се иритирачки за сите.

– Прво, предизвикува паника кај луѓето што го читаат тоа мислејќи дека навистина се случува. Таква ситуација имавме во 2019 година кога некои медиуми објавија дека горат куќите во Злокуќани, а всушност гореше сува трева каде што имаше три возила што интервенираа, а медиумите објавуваа слика со чад зад куќата и сите мислеа дека навистина гори куќата, вели Симоновски.

Дополнува дека е подобро медиумите да контактираат со нив, а тие ќе им дадат проверена информација и, како што вели, „ако можете да дојдете да видите, во ред, ако не, ќе испратиме фотографии и ќе објавиме, подобро отколку да се пишува нешто непроверено“.

Симоновски посочува на фактот дека граѓаните постојано читаат на веб-порталите и често наидуваат на дезинформации за кои веднаш бараат одговор, па така, вели, „ние често се наоѓаме во ситуации каде што сме зафатени со локализирање некој пожар, а од друга страна, добиваме прашања од загрижени граѓани, поврзани со непроверени информации пласирани од несовесни граѓани“.

Лажните дојави непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места

Покрај дезинформациите, не изостанаа ниту лажните дојави за пожари, кои секојдневно пристигнуваа до надлежните. За нив, командантот Симоновски вели дека во последниов период ги имало повеќе.

– Еден пожар може да предизвика повеќе од сто јавувања, особено ако станува збор за урбана средина, така што многу е тешко со двајца оператори и седум линии да се „фати“ лажната дојава, споделува Симоновски.

Само за пожарот кај фабриката „Охис“ на 5 август имало повеќе од 240 повици. Додека, за 22 пожари на територија на Скопје, изгаснати за 12 часа, истиот ден, имало над 870 повици и седум лажни дојави.

Симоновски вели дека нема причина да размислува дека некој се дрзнува да ги деградира во најголемите пожари, или да ги праќа на некои позиции само за да ги ослабне како единица, и истакнува дека без оглед на сè, тие секогаш реагираат на секоја добиена дојава.

– Ние знаеме дека во Кучково имаме сува трева запалена од далновод, имаме испратено едно возило, со локални одговорни фирми што донесоа цистерна со вода и сè се заврши. Од друга страна, имате друга дојава дека гори Граничниот премин „Блаце“, зад полициската станица, а во истиот момент добивате дојава дека гори Полициската станица Мирковци. Праќаме екипа во Скопска Црна Гора во Мирковци и увидуваме дека таму нема ништо, нема пожар, вели командантот Противпожарната бригада на Град Скопје.

Директорот на ЦУК, Ангелов, исто така, посочи на лажните дојави што од некои граѓани биле упатувани на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и за кои вели „неретко се случуваат и непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места, или, едноставно, залудно го трошат времето на нашите служби, наместо истиот капацитет да се искористи на место каде што е навистина потребно“.

Дезинформациите во кризна состојба – плански обиди што внесуваат чувство на несигурност

Комуникологот Сеад Џигал вели дека дезинформациите и лажните вести во кризна состојба се најчесто плански обиди што се стремат да внесат чувство на несигурност во јавноста и да предизвикаат конфузија кај одговорните институции и органи, односно да го ослабат нивниот капацитет да решаваат одредени проблеми за кои се задолжени.

– Најчесто мотивите за ваквите обиди се од политичка или од економска природа, односно имаат цел да се загрозат интересите на соперникот или на противникот. За жал, овие деструктивни методи, кои ги злоупотребуваат медиумите и комуникациските мрежи, се присутни и на глобален план, не само во Македонија. Видовме во случаите со пожарите во Македонија ова лето дека одговорните институции често добивале лажни пријави за пожари. Мотивот на овие лица и оние што пласираат дезинформации во медиумите е близок, да се намали капацитетот на институциите да реагираат ефикасно за да потоа, веројатно, се обвинат за неспособност и за неефикасност, вели Џигал.

Тој дополнува дека останува помала веројатност дека станува збор за поединечни ексцеси, но високата бројка на лажни пријави не оди во прилог на оваа претпоставка. Според него, зачудува степенот на деструктивност што е некако „нормализиран“ во борбата на спротивставените политички и други интереси.

Психолошкиот момент на мотивот на создавачите на дезинформации и на лажните вести, кои наштетуваат на јавното мислење и на безбедноста на населението во време на кризна состојба, го поврзува со два главни типа случаи, кампањи водени од поединци и групно организираните дезинформациски кампањи.

Според него, поединецот кој свесно објавува и шири дезинформации, може да биде воден од низа мотиви какви што се привлекување внимание, креирање одреден имиџ или идентитет во јавноста, или, во својата потесна средина, до лична одмазда, политички побуди или, пак, поради одредени видови социопатско однесување.

Групните и координираните дезинформациски кампањи, како што вели, се почести и далеку поштетни. Тие најчесто се поттикнати од политички, идеолошки или од економски интереси.

– Интересно е што често оние што го прават ова, веруваат дека имаат право да ги користат дезинформациите и лажните вести против некого. За нив тие се само средство во некаква борба против злиот противник или предавник, на пример. Може да се случи, во таквата внесеност во борбата против „другиот“, дезинформаторите да почнат да веруваат во сопствените лажни вести и дезинформации, што повторно посочува на поспецифични видови социопатско однесување на интернет, споделува Џигал.

Според него, превенцијата е возможна, но брзи решенија, за жал, не се можни.

– Ефективноста на дезинформациите е тесно поврзана со степенот на политичката и на медиумската култура и писменост во едно општество, така што решенијата треба да се бараат токму во овие сфери. Подобра едукација, јакнење на јавната свест за штетноста на овие појави, професионализација на медиумите, унапредување на комуникациската етика, соработка со стручната заедница и граѓанскиот сектор, соработка на регионален и на меѓународен план, и така натаму, набројува комуникологот.

Ваквите типови борба во политиката, но и во другите сфери, се неприфатливи и се штетни за сите. Тие предизвикуваат недоверба во системот и во институциите, ги демотивираат граѓаните да гласаат, да се вклучуваат во различни активности од јавен интерес. Во таа смисла, може да се каже дека дезинформациите се своевиден комуникациски вирус што го фрагментира општеството и ја загрозува основната компонента на социјализацијата, а тоа е довербата кон другите.

Средствата за јавно информирање имаат многу значајна улога во системот за управување со кризи, како во превенцијата и раното предупредување, така и во фазата на справување со елементарни непогоди. Нивното точно, навремено и објективно известување во вакви моменти, може да значи и спасување човечки животи, бидејќи информациите, апелите и насоките за однесување во случај на кризна состојба, граѓаните пред сè ги добиваат од медиумите.