Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание, рече пратеникот Павле Богоевски, кој е и претседател на собраниската Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања.
Тој ова го изјави по поднесената оставка, откако во јавноста се појави аудио-снимка, на која тој нарачува некаква нелегална супстанца, за која тврди дека е лек од канабис за болен член од неговото семејство.
Снимката предизвика лавина од реакции во јавноста – од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во насока дека пратеникот нарачувал дрога за лична употреба и оти тоа е неспоиво со неговата јавна функција, доведе до иницијатива од страна на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ сите пратеници во Собранието да се тестираат за употреба на дрога, што како правно неосновано беше отфрлено од собранискиот спикер Талат Џафери, а премиерот Зоран Заев напомена оти лична работа на Богоевски е тоа што сакал да помогне на близок член на своето семејство.
И во период кога сето внимание е свртено кон најавената „метла“ на Заев – кадровски промени на носителите на јавни функции кои не ги исполниле очекувањата и не работеле совесно, по бурата реакции што беше предизвикана во јавноста, Богоевски вчера на седница на собраниската Комисија со која тој раководи најави дека си поднесува оставка.
На седницата на дневен ред беше одземањето мандат на поранешниот премиер Никола Груевски. Богоевски прецизира дека неговата оставка ќе биде активирана по пленарната собраниска седница по гласањето за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Оставката, како што рече ја поднесува од морални и етички причини.
-Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот во моментите кога се самопријавував во полиција. Фактот дека без разлика на причините за набавката на масло од канабис за мое блиско лице и на никој од вас не ви ги посакувам тие причини, јас сторив незаконски акт. Тоа е првата работа. Втората работа, мојата пратеничка функција за жал може да се перцепира дека ќе влијае врз постапката што органите ја водат за мене за илегално снимање, но и против мене за набавка на канабис, односно постапката што јас ја иницирав, рече Богоевски појаснувајќи го својот чекор.
Власта ја поздрави одлуката на Богоевски, за опозицијата таа не може да биде оправдување за направениот криминал, а пратеникот вели дека сето ова е хајка против него од ВМРО-ДПМНЕ, која сака да го заштити Никола Груевски.
Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на пратеникот да поднесе оставка на функцијата и смета дека е храбра и во функција на понесување одговорност за етички работи за кои граѓаните очекуваат политичарите да повлечат чекор во таа насока.
-Многу е важно секој од функционерите каква одговорност носи во делот на неговото извршување на обврските пред граѓаните, пред институцијата и државата. Секогаш кога одреден дел од неговиот приватен живот нема влијание врз извршувањето на работите сметам дека е добро и тоа го искоментирав. Но, тоа е негово право на лична и морална одлука и јас ја поздравувам оставката, рече Заев.
Во врска со неговите очекувања да му се одземе мандатот на Груевски посочи дека Уставот и Деловникот на Собранието се многу јасни и дека станува збор за чист случај поради што очекува да се постапи согласно Деловникот.
-За чистите случаи барам да нема политиканство. Имаме бегалец надвор од државата кој добил азил надвор од меѓународните стандарди. Верувам дека најмалку што треба да направи Парламентот е да ја донесе принципиелната одлука. Тоа не значи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му мислат лошо и за нив е непријател. Одлуката е принципиелна и треба да се почитува Уставот и Деловникот. Очекувам да се постапи согласно Деловникот зашто тоа им го должиме на граѓаните, посочи Заев.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иван Стоилковски, пак изјави дека „граѓаните немаат потреба од лажно продавање морал од луѓе како Павле Богоевски, кој што во низа од неколку месеци вршел кривично дело и ја извршуваше пратеничката функција“.
-Оставката не е и не може да биде оправдување и амнестирање од направениот криминалот. Павле Богоевски мора да сноси кривична одговорност за трговија на нарко-пазарот, смета Стоилковски.
Според опозициската партија оставката на Богоевски е уште еден „класичен обид на власта за манипулација со граѓаните, со единствена цел јавноста да го занемари фактот дека до обвинителството се уште не допре гласот, за тоа како Богоевски порачува нелегална психотропна супстанца“.
А Богоевски нагласува дека сето ова е хајка против него од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која сака да го заштити Груевски. Додаде дека повеќе не е во прашање неговиот легитимитет, туку дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем малку етика и моралност – дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Груевски или ќе му го одземат мандатот.
Постои веројатност пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за одземање на мандатот на нивниот поранешен лидер, а неизвесно е како ќе постапи и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателката на СДСМ и пратеничката Фросина Ташевска Ременски вчера, пак, побара неотповиклива оставка од претседателот на собраниската Комисија за надзор на безбедносните служби, Трајко Вељановски.
-Ако ги исправиме моралните дилеми од аспект на легитимноста и кредибилитетот на носењето на одлуките од страна на Комисијата, од аспект на тоа кој ги води комисиите, нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски на кој што ова Собрание не можеше да му го одземе имунитетот заради солидарноста на неговите сопартијци, а е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт за здружување заради непријателска дејност односно за организација на насилните настани на 27 април во Собранието на Република Северна Македонија, рече Ременски.
Богевски вчера ја прекина седницата на собраниската Комисија, на чиј дневен ред беше утврдување на Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, поради неоправдано отсуство повеќе од шест месеци и најави дека дополнително ќе биде закажана.
Седницата е закажана врз основа на претходно известувањето од претседателот на Собранието, доставено на 15 мај. Според член 59 од собранискиот Деловник, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.
За одземање на мандатот потребно е предлогот да го поддржат две третини од пратеници или 80 гласа „за“.
Собранието лани на почетокот на ноември не успеа да изгласа одземање на мандатот на Груевски на предлог на истата комисија тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција поради изречената двегодишна казна затвор за набавка на луксузниот мерцедесот за случајот „Тенк“ на СЈО. За одземање на мандатот на Груевски тогаш гласаа 58 пратеници.
Тој потоа побегна во Унгарија, каде доби статус на политички азилант. Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен. Покрај правосилната пресуда од двегодишна затворска казна, тој е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април.
Потерницата против екс-премиерот, кој доби азил во Будимпешта, се уште не е објавена од Интерпол. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави МВР неколкупати контактира и поднесува документи и преку своите кадри и преку Министерството за правда за распишување меѓународна потерница по поранешниот премиер Никола Груевски.
Документите за распишување на потерницата по Груевски за терористичко загрозување на уставниот поредок за настаните од 27 април се доставени до Интерпол и се очекува потерницата да биде објавена, а вчера јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески изрази верување дека нема законски или какви било други пречки потерницата за поранешниот премиер Груевски да не биде објавена на листата на Интерпол.
– Во скоро време ќе се реши таа состојба. За тоа е задолжена обвинителката Вилма Рускоска, како напредува во тој дел мене не ми е познато, но верувам дека нема законски или било какви пречки потерницата да не биде објавена на листата на Интерпол, изјави Јовески.
Иако Обвинителството најави истрага за бегството на поранешниот премиер, сепак јавноста се уште не е запознаена како Никола Груевски успеја да ја напушти земјата.