Костадин Костадинов е уште еден пример како од голтар во СДСМ преку функција се станува милионер. Скапи часовници, мотори, станови се само дел од имотите со кои Костадинов располага откако е на функција, ова денеска преку прес-конференција го истакна Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
-Иако неговиот анкетен лист е скромен, доколку го погледнеме Костадинов заклучуваме дека зад тоа се крие поголем и полуксузен имот. Па така во сред КОВИД пандемија додека сите бевме затворени во нашите домови заради мерките можевме да го видиме Костадинов на социјалните мрежи како вози скап мотор Дукати од 20.000 евра, кој не е впишан во анкетниот лист на Костадинов. Тој никогаш не ги расчисти дилемите во јавноста ниту за неговиот луксузен стан во комплексот Џевахир во Аеродром, каде според пишувањата на медиумите живееше Костадинов. Станот во комплексот Џевахир исто така не е впишан во имотниот лист на Костадинов. Луксузот на Костадинов може да се забележи и на фотографиите на настани како градоначалник на кои го гледаме со часовник од марката Гармин, за кој лесно се доаѓа до податок дека чини 71.480 денари. Тој часовник го нема во анкетниот лист на Костадинов, иако заради неговата вредност тој требал да го пријави, вели Лефков.
Тој додава дека ова е само дел од имотот на Костадинов, кој тој го нема пријавено во својот анкетен лист, а постојат сомневања дека е негов личен имот.
-ДКСК треба да отвори случај за Костадинов, а претседателката Билјана Ивановска да каже дали и Костадинов е дел од функционерите за кои зборуваше дека поседуваат станови и друг имот кој не е впишан на нивно име, туку се води врз други лица? ДКСК веднаш да отвори случај за Костадинов, исто како и за Каевски, Ковачевски, Богоев и Заев. Граѓаните не сака политичари кои во политика влегуваат голтари, а од истата излегуваат милионери на грбот народот. Одговорност мора да има, рече Лефков.