На денешното рочиште на „Плацеви на Водно“, одбрана даде Ристо Новачевски, кумот на поранешниот премиер Никола Груевски кој е првообвинет и му се суди во отсуство. Тој откри дека Груевски сакал да купи плац на Водно, откако претходно му понудил да биде управител на нова фирма – Сирах Инжинеринг, пренесува Канал 5.

-Груевски ме информира дека треба да се купи земјиштето на Водно и дека целата работа ќе ја збрка Алек Теранова, со луѓето кои го продаваат, а јас само да го потпишам договорот. Ниту сум преговарал за цена, ниту сум ги знаеле луѓето. До ден денеска не знам каде се наоѓа земјиштето. Сите работи ги имаше истуркано Алек. Пролета 2015 година имаше прес СДСМ, за некое земјиште на Водно на Груевски. Се споменуваше и моето име. Повторно му реков на Груевски да бидам сменет. Ми рече ќе го реши тоа во најскоро време, зборуваше обвинетиот Ристо Новачевски, кој посочи дека се барало земјиште и во Крушево за викендица.

Новачевски потоа раскажа дека по извесно време кога се видел со Груевски, тој му кажал дека земјиштето и целата фирма ќе му бидат продадени на Орце Камчев. Судењето за случајот продолжува следната недела кога и останатите обвинети треба да ја дадат својата одбрана.