По објавување на резултатите од пописот се покажа дека оној процес кој започна со немање на консензус кога се носеше законот во Собрание, процесот наместо во статистичка операција се претвори во политичка операција, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков во Анализа на ТВ24, потенцирајќи дека бројките се нецелосни.

– Да зборуваме за последиците, 132.000 граѓани кои се административно попишани, односно за коишто се добиени бројките преку вкрстување на податоци на базите, се без етничка, верска и јазична определба. Сметаме дека тие податоци го прават овој попис нецелосен. И не само ВМРО-ДПМНЕ, туку многу партии, субјекти, аналитичари, впрочем и македонската јавност се изјасни дека нема доверба во начинот на кој е спроведен овој процес, истакна Лефков.

Тој истакна дека овие резултати се нецелосни бројките, проблем има кај тие кои не се изјасниле и се административно попишани, иако самиот закон предвидува комбиниран метод на попишување.

– Така да административното е предвидено со закон, но и од каде ќе се земаат тие бази и загрижува зошто не се објавени тие податоци, а се покажуваат огромни бројки во етнички чисти македонски. Аеродром има 5000 непопишани, Ѓорче Петров 4.400, Центар 5000,  а членот 44 од Законот за попис наложува на ДЗС да резултатите бидат публикувани ако се преземени сите мерки за обезбедување дека попишаните лица не можат да се идентификуваат, нагласи тој.

Лефков посочи дека останува прашањето дали ДЗС ги презеле сите мерки за да се обезбедат податоците за тие кои не се изјасниле, кога знаеме дека според закон за лична карта при подигање на лична карта се внесуваат и податоци за етничка припадност.

– Дали Апостол Симовски побарал од институциите наведени за вкрстувањето, да се обезбедат овие податоци? Дали ги презеле сите мерки? Затоа сметаме дека е нецелосен пописот, изјави Лефков.

Тој додаде дека и законот за попис беше повлечен од собраниска процедура после 21 часовна седница за ГАМА, и истиот беше вратен со европско знаменце со само три дена за расправа, а Власта го донесе законот без јавна дебата, без учество на јавноста и дека тоа се моментите кога започна падот на кредибилитетот на пописот во кој би требало да веруваме сите.Тој додаде дека сето тоа беше дополнително засилено со тоа што недостасуваа попишувачи, проблеми со софтверот за што и самиот директор на ДЗС сам призна, а имаше денови во кои не функционираше.

– Сето тоа со овие податоци каде не може да вкрстат 132.000 луѓе а впрочем е предвидено со закон дека ќе има комбиниран метод, покажува дека пописот е нецелосен. Фактички кога ќе ги погледнеме резултатите од пописот ќе видиме дека има 10 графи со деноминација кај христијаните, една кај муслиманите, ќе видиме дека тие 132.000 за кои имаат податоци и за јазик и за етничка припадност ги нема во пописот, рече Лефков.

Лефков нагласи дека во вкрстените бази е и Агенцијата за вработување, а во електронските обрасци на агенцијата М1 и М2 стои етничка припадност и прашање е дали ДЗС побара и од АВРМ вкрстување од нивните бази.