Европската комисија треба да ја претстави новата методологија во јануари, а идеално би било во март таа да се усвои од членките на ЕУ. За датумот треба да бидеме флексибилни, а дали тоа ќе биде март или мај зависи од тоа дали ќе следат јасни сигнали дека Македонија разбрала што им е важно на земјите членки, вели во интервју за МИА Франсоа Лефон, советник на вицепремиерот за европски прашања, испратен од Француската влада.
Според францускиот експерт кој живее и работи во Скопје, новата методологија треба да донесе поголема извесност на процесот на пристапување, односно отворањето на преговорите да води до членство во ЕУ .
– Нема причина да почнете преговори и да кажете: „Нема проблем, нека потраат 10-15 години, не е важно.“ Важно е. Затоа што ја поткопувате способноста на ЕУ да го почитува предлогот и надежта на народот. Отворањето преговори треба да значи дека ќе бидете член на ЕУ, а не само да се отворат колку да се рече: „Добро, одиме полека, 10-15 години, не ни е гајле.“ Тоа не е целта на новата методологијa, нагласува францускиот експерт.
Целта е, посочува тој, да добиеме датум, a потоа да продолжиме со реформите, модернизацијата и подготовката на земјата за подобра иднина.
Од гледна точка на француски експерт, има време и во услови на техничка Влада Парламентот во преостанатите речиси два месеца да испорача конкретни резултати.
– Сè уште ќе има време за добри решенија и напредок во одредени области. Ако навистина сите политички партии се за членство во ЕУ како што велат, треба да се способни да се договорат околу реформите за да ѝ докажат на Европската комисија дека се посветени на доброто на земјата. Инаку, ќе видиме дека ова се само политички игри, и една од причините што не го добивме Законот за СЈО. Опозицијата не сакаше да му даде на мнозинството таков подарок пред изборите. Двотретинско мнозинство не беше можно. Ако партиите се посветени на европскиот пат, ќе сфатат дека овој момент е поважен од нивните политички игри. Па дури и со техничка влада би можеле да направиме некои работи. Во врска со Антикорупциската комисија, на пример. Сите знаеме дека на комисијата ѝ недостасуваат човечки ресурси и буџет, посочува советникот именуван од Владата на Франција во СЕП.
Ако добивањето датум за преговори е навистина главната цел во последните две-три години, сите треба да придонесат, порачува експертот Лефон.
Г. Лефон, како Вие би го оцениле нон пејперот?
– Нон пејперот ја објаснува позицијата на францускиот претседател за време на Европскиот совет во октомври. Знаете дека тогаш се водеше дискусија меѓу сите шефови на држави и влади за да се додели датум за отворање на преговорите. Дискусијата траеше повеќе од 4-5 часа, до доцна вечерта. На крајот, се донесе една неодлука. Не беше вето колку што беше неодлука затоа што рекоа: „Ќе се навратиме на прашањето пред мајскиот самит во Загреб“. По долгата дискусија, прашањето така го одложија.
Ова се чини беше трет пат да се одложи одлуката?
– Да, првиот пат беше (одложена) во јуни 2018 година. Но, ако ги прочитате заклучоците на Европската комисија, ќе видите дека во нив се бараше подобрување во четири сектори: во судството, во разузнавањето, во администрацијата и во борбата против корупцијата. Истото се случи и во јуни 2019.
Значи, нонпејперот објаснува зошто францускиот претседател не даде датум. Ако ја слушате прес-конференцијата што ја свика веднаш по советот, ќе видите дека даде два вида аргументи.
Првите се засноваат на сегашната ЕУ, која не функционира како што треба. Тој објасни и зошто. Вторите аргументи беа зошто треба да ја обновиме методологијата за проширување. Кога ќе почнеме преговори со некоја земја, мора да се осигураме дека процесот е поефикасен од сегашниот.
Зошто го кажа ова? Сетете се дека сè уште преговараме со Турција иако изминаа 14 години. Процесот не е ефикасен. Исто е и со Црна Гора и Србија. Преговорите ги почнаа пред шест и пред осум години. Па така, кога годинава ЕК предложи да се отворат некои поглавја, земјите членки рекоа: „Не, оти работите не се одвиваат како што би сакале“. Значи, францускиот претседател сакаше да посочи дека можеби треба да најдеме подобра методологија со три или четири критериуми.
Еден од нив е да има реверзибилност. Откако ќе отвориме преговори, ако не се одвиваат добро, или ако земјата се премисли, треба да имаме правни средства да ги запреме преговорите.
Потоа ја спомена и политичката димензија. Рече дека можеби земјите членки треба повеќе да се вклучат во процесот. Иако веќе се вклучени во смисла дека можат да отвораат поглавја или не, за што им треба едногласност, тој сакаше да се увери дека ќе има повеќе видливи политички елементи од земјите членки за време на преговарачкиот процес.
Третата димензија што ја посочи е дека граѓаните не гледаат напредок во текот на преговорите ниту, пак, конкретни програми. Францускиот претседател побара граѓаните да добијат појасна претстава за проширувањето. Ова подразбира конкретни програми. С. Македонија е веќе во програмата Еразмус и 2020, како и во други активности на ЕУ, но да се обидеме да најдеме и други програми (и финансирање во таа насока) за граѓаните да разберат дека сме отвориле одреден број поглавја и тие се осигурани.
Последниот елемент од нон пејперот беше да се спојат поглавјата (наместо постојната практика на поглавја) во група од сектори, за нивно подобро разбирање. По нон пејперот следуваше и уште еден предлог од девет земји вклучувајќи ги и Италија, Австрија и балтичките земји. Сега сè е во рацете на Европската комисија, која треба да предложи нова методологија во јануари.
Реверзибилноста, како што рековте, е клучен елемент на нон пејперот. Но, некои велат дека документот не донесува ништо ново и дека е нејасен. Што мислите Вие за ова?
– Ова е полувистина во смисла дека францускиот претседател зазеде став што не беше истоветен со ставот на француското МНР. Тој донесе легитимна одлука и имаше обврска бргу да ја објасни. Значи, нон пејперот беше ставен на маса брзо за да не се оддолжи процесот на донесување одлуки за отворање на преговорите.
Французите можеа да речат: „Добро, ќе предложиме нешто, но обновувањето на методологијата ќе потрае.“ Не ја избраа таа стратегија. Избраа документ од три страници каде што е објаснет концептот, интуицијата и причините на претседателот Макрон зошто тој смета дека сегашната методологија не функционира и каде тој бара напредок. Поради тоа што е составен набрзина, можеби некои елементи ги нема. На пример, Спогодбата за стабилизација и асоцијација не е интегрирана во нон пејперот. Други елементи не се најдобро дефинирани. Но, целта беше да им се даде на сите партнери тема за разговор за да се договорат како да продолжат понатаму со нова и многу поефикасна методологија.
Можно ли е Европската комисија да ја претстави новата методологија во јануари, што беше споменато и во нон пејперот?
– Да. Тоа ни е заедничката цел, дури и на француската Влада, а беше наведено и во нон пејперот. Тогаш бевме во процес на формирање на новата ЕК со нов еврокомесар кој требаше да да го избере својот тим. Сега работите се на ниво на ЕУ. Сега имаме нова архитектура со избрани претседатели на Европскиот совет и на Европската комисија, и со избрани сите еврокомесари и земјите членки сега бараат од Комисијата да предложи документ, генерално. Така што претпоставувам дека новиот еврокомесар ќе објави соопштение во кое Европската комисија ќе објасни што ќе се најде во новата методологија, земајќи предвид некои елементи од предлогот на Французите, а можеби и други точки наведени во документот предложен од деветте земји. Така што одговорот е да, општо земено.
Сепак, дебатата во ЕУ треба да заврши во март 2020 година. Можат ли европските земји да постигнат консензус толку брзо? Тоа се само два месеца.
– Да. Тајмингот е малку тежок. Март е избран бидејќи тогаш е следниот Европски совет, а потоа следи самитот во Загреб со учество на сите земји членки на шефовите на држави или влади на земјите од Западен Балкан. Така што идеално би било во март, како што беше споменато во заклучоците на Европскиот совет, да донесеме одлука пред самитот во Загреб на 6-7 мај. Не знам кој ќе биде предлогот на Комисијата за новата методологија. Не знаеме што ќе се случува во Албанија и во Северна Македонија. Треба државите да продолжат со реформите за да бидат што е можно поподготвени за преговорите.
Минатото лето не беше баш најдобро за С. Македонија. Сета таа димензија на корупција повторно ја прикажа земјата во неубаво светло. Па треба да вложиме напори во однос на реформите во борбата против корупцијата, да се осигураме дека судската структура работи правилно откако таа специјална обвинителка веќе не е во игра. Па, ако сè оди како што треба од обете страни – овде во државата и на европско ниво – зошто да не биде во март? Колку побрзо толку подобро, под услов процесот да работи правилно. Ова беше една од работите која ја спомна францускиот претседател.
Тука, на Балканот, се навикнавме да работиме чекор по чекор.
– Најважното е дека методологијата ќе ѝ помогне на земјата да се модернизира. По пристапувањето, треба да се види конкретен напредок во земјата; економската состојба на луѓето да стане подобра, младите да имаат поголеми изгледи да останат во земјата… Кога ќе почнеме преговори, се надеваме дека општата состојба ќе се подобри.
Кои се шансите да добиеме датум на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година?
– Немам кристална топка пред мене. Ако сите ги исполнат своите обврски, ќе биде или во март или во мај.
Но, во Франција ќе има локални избори во мај. Дали тие може да повлијаат на одлуката?
– Ова го спомнаа и други, но како Французин, не сум баш сигурен дека е важно. Ако гласам за градоначалник – запомнете дека Франција има 36.000 градови, мали градови, покрај големите како Париз и Марсеј – нема да гласам мислејќи на С. Македонија. Повеќето Французи не ни знаат каде е С. Македонија. Не знаат што се случува овде. Ќе гласаат можеби за некоја нова спортска сала, за нова улица, за подобро улично осветление. Овој аргумент против Франција е ирелевантен.
Релевантен беше аргументот околу изборите за Европскиот парламент, што е нешто сосема друго. Очигледна е разликата меѓу изгласување градоначалник и изгласување европарламентарец, кој ќе треба да се занимава со вакви теми. Кога претседателот Макрон рече дека е подобро да зборуваме за проширувањето по изборите за ЕП, тоа беше за да се избегне инструментализација на ова прашање од екстремната десница, од националистите и од сите што не сакаат ЕУ да биде силна.
Многу политички партии, дури и шефови на држави и влади во некои земји членки не се толку за јакнење на ЕУ. Се гледа од резултатите од последниот Европски совет во врска со климатските и други прашања. Не се залагаат сите за ЕУ да биде посилна, обединета и подемократска. На пример, унгарскиот премиер, кого не го интересира солидарноста со мигрантите ниту одлуките за климатските промени. Комплицирано е. Едно е сигурно: Францускиот претседател сака функционална ЕУ.
Што не е случај со Велика Британија. Тие ја напуштаат. Зошто тогаш постојано го критикуваме францускиот претседател, кој сака посилна ЕУ во светски рамки? А ниту збор за Велика Британија, која беше главниот поборник за проширување – наводно – а сега излегува од неа? Овој парадокс треба да го имаме предвид пред да го критикуваме францускиот претседател, кој е вистински Европеец. Тој сака нешто функционално и посилно.
Ги спомнавте реформите на кои треба да се фокусира земјата, особено новиот Закон за јавно обвинителство. Имајќи предвид дека ќе имаме техничка влада со ограничена агенда, како ќе влијае тоа на нашите изгледи за добивање датум?
– Проблемот е што Парламентот нема да работи по 12 февруари. Но, барем ќе може да работи два месеца. Сè уште ќе има време за добри решенија и напредок во одредени области. Ако навистина сите политички партии се за членство во ЕУ како што велат, треба да се способни да се договорат околу реформите за да ѝ докажат на Европската комисија дека се посветени на доброто на земјата. Инаку ќе видиме дека ова се само политички игри, и една од причините што не го добивме Законот за СЈО. Опозицијата не сакаше да му даде на мнозинството таков подарок пред изборите. Двотретинско мнозинство не беше можно. Ако партиите се посветени на европскиот пат, ќе сфатат дека овој момент е поважен од нивните политички игри.
Па дури и со техничка влада би можеле да направиме некои работи. Во врска со Антикорупциската комисија, на пример. Сите знаеме дека на комисијата ѝ недостасуваат човечки ресурси и буџет.
Тоа не е толку тешко да се реши за да им се покаже на сите дека вложуваме повеќе пари и се обидуваме да ги натераме луѓето да се погрижат работата да се заврши како што треба и покрај политичката состојба пред изборите.
Гледам дека сте голем оптимист во врска со ова.
– Сакам францускиот претседател и другите да разберат дека навистина го сакаме ова. Инаку на крај ќе сметаат дека биле во право што кажале не – ако видат дека земјата не е сериозна. Ако добивањето датум за преговори е навистина главната цел во последните две-три години, сите треба да придонесат.
Имате увид во јавната администрација. Подготвени ли сме да ги почнеме преговорите?
– Земјата е подготвена да почне преговори. Секретаријатот за европски прашања е спремен затоа што се подготвува повеќе од 15 години. Триесет отсто од законодавството на ЕУ веќе е содржано во законодавството на земјата. Веќе се наоѓате на европскиот пат и администрацијата е подготвена да продолжи.
На администрацијата ѝ треба датумот за да остане мотивирана. Ова не се однесува само на Секретаријатот, туку и за целата земја, Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи итн.
Земјата е подготвена да почне преговори, по што ќе треба многу да работиме за да се осигураме дека работите одат во вистинската насока. Потоа, секако, ќе има одредено приспособување, промени и напредок.
Што мислите за ставот на новата Комисија на ЕУ за проширувањето?
– Сите нови лица на ЕУ се залагаат за шесте земји од Балканот да станат членки, кога ќе бидат подготвени. Само погледнете ја картата и ќе сфатите зошто Балканот треба да биде дел од ЕУ. Во спротивно, тешко ќе бидеме велесила што ќе може да им каже на САД, Русија и Кина што да прават, ако не сме способни да имаме стабилна состојба внатре. Треба целиот Западен Балкан да биде свесен за ова. Затоа што сè уште има проблеми во државите. Работите не одат толку брзо и добро како што се очекуваше. Политичарите треба да бидат посвесни за тоа колкав е влогот.
И ова не зависи само од Комисијата, туку пред сè од земјите членки. Некои земји не гледаат толку позитивно на проширувањето. Во Холандија, Германија и Франција има одредена неподготвеност за новите земји што влегуваат во ЕУ.
Сепак, повеќето членки сакаат посилна ЕУ со заедничка надворешна политика, која опфаќа важни теми, како што е Зелениот договор предложен минатата недела. Треба да направиме голем напор во финансиска смисла и преку реорганизирање на економскиот модел. И Париз, Берлин и Брисел треба да направат некои работи.
Една дилема околу обновениот пристап. Дали новата методологија ќе се применува и на земјите што веќе почнале преговори?
– Зависи од новата методологија, ако им помага на Црна Гора и Србија да затворат некои поглавја. Најважно е земјите што почнуваат преговори да го завршат процесот. Исто така, дали ќе биде полезна за Косово или Босна и Херцеговина? Не знам. Вистинската намера на францускиот претседател беше да посочи дека тековниот процес не функционира. Беше осмислен пред 15 години и последното проширување во 2004 година не беше успешно во одредени аспекти. Затоа, да се обидеме да го најдеме вистинскиот начин овие земји да станат членки на ЕУ. Тоа е тоа.
На крај, може ли да очекуваме официјално обновена методологија за преговори до март, а датум на самитот во Загреб во мај?
– Сè уште не знам. Новата методологија Комисијата треба да ја претстави во јануари. Може да се случи многу брзо земјите членки да ја прифатат и да продолжат понатаму. Ако има јасни сигнали дека С. Македонија разбрала што им е важно на земјите членки, да речеме март ако е можно, или Загреб. Мора да бидеме флексибилни. Најважното е дека добиваме датум и потоа продолжуваме да ја реформираме, модернизираме и подготвуваме земјата за подобра иднина.
МИА