Во Русија од Лаос се враќаат 30 примероци на тенкот Т-34, легендарната „триесетчетворка“ која беше ударна окосница на советската оклопна сила за време на Втората светска војна, соопшти Министерството за одбрана во Москва.
Тенковите во руското пристаниште Владивосток ќе бидат донесени со брод, а потоа со воз ќе патуваат до московската област.
Триесетчетврките до неодамна беа во редовното вооружување на армијата на Лаос, и целосно се исправни, соопшти министерството.
Во план е нивно користење за воени паради на Денот на победата, 9 Мај, и за снимање филмови за Втората светска војна.
Т-34 е советски тенки од средна големина што почнал масовно да се произведува во 1940 година. Тоа бил главен тенк на Црвената армија до половината на 1944 година пред модифицираниот модел Т-34-85. Производството траело до 1958 година.
Во 2000 година примерок на Т-34 е реставриран откако бил изваден од дно во мочуриште во Естонија каде бил потопен 56 години. Притоа, немало знаци на истекување масло, корозија и други оштетувања на механички компоненти поради стоењето во вода. Моторот е обновен и е во работна состојба.