Легендарниот француски 86-годишен актер Ален Делон одлучил да го заврши животот со евтаназија, тврди неговиот син Ентони, кој изјави дека татко му се одлучил на овој чекор за да не мора да поминува низ разни болести.

Синот на легендата на францускиот филм во интервју за француското радио RTL рече дека татко му решил доброволно да си го прекине животот. Тој не сака да стане беспомошен старец со многу болести.

– Ме замоли да го организирам тоа, објави порталот Скај њуз, цитирајќи го Ентони, кој додаде дека татко му го замолил да го придружува на неговото последно патување.

Делон живее во Швајцарија, каде што е легална доброволната асистирана смрт.

– Во одредена возраст и момент човек има право да си замине тивко, без да помине низ болест, изјави Делон пред извесно време.