Поранешниот полски претседател и добитник на Нобелова награда за мир, Лех Валенса изјави дека сака да се „смири со непријателите“ пред неговата смрт.
Тој тоа го напиша на Твитер, однесувајќи се на неговиот некогашен политички противник Јарослав Качински, кој е лидер на владејачката партија на Полска.
Седумдесет и четири годишниот Валенса, кој има кардиоваскуларни проблеми, истакна дека и двајцата треба да очекуваат наскоро да заминат „во вечноста“ и затоа сака да ги доведе во ред работите.
Валенса побара прошка од „братот Качински“ за сите минати грешки, а истото го побара и од него. Поранешниот синдикалец и активист за човекови права опфати и една сложена тема, додавајќи дека ќе ја прости и „најголемата навреда“ на Качински, а тоа е тврдењето дека Валенса бил доушник за време на комунизмот. Валенса го отфрла таквото обвинение.