Лекарот на 72-годишниот Доналд Трамп, изјави дека американскиот претседател е „во многу добра задравствена состојба”.
-Среќен сум што можам да објавам дека претседателот на САД е со многу добро здравје и очекувам дека така ќе биде во текот на неговото претседателствување, изјави лекарот во Белата куќа, Шон Конли. Изјавата ја даде по годишен медицински преглед врз Трамп во воената болница Волтер Рид, што траеше околу четири часа.
Во соопштението не се споменуваат детали за тежината, холестеролот или крвниот притисок на претседателот по прегледи од Конли и 11 други специјалисти.
Пред повеќе од една година тогашниот лекар на Трамп, Рони Џексон објави дека претседателот е во „одлично здравје” и покажал многу добри резултати на когнитивните тестови, но му препорача да се обиде да одлабе неколку килограми, да се храни поздраво и се обиде да прави физички вежби.
Нема видливи знаци кај Трамп – познат љубител на брза храна – дека ослабнал оттогаш. Неговите помошници велат дека сега тој јаде повеќе риба од порано, но продолжува да јаде печени стекови со кечап и помфрит, приготвени од главните готвачи во Белата куќа и во неговиот „Трамп интернешнел хотел” во Вашингтон.