Камен темелникот за наводната фабрика за електрични возила и најавата на Артан Груби за државна помош од 130 милиони евра, не е ништо друго, освен прелевање на народни пари од државната каса во буџетот на лица блиски до ДУИ, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата велат дека зад компанијата ,,Next e.go” стои ,,Еколог Интернационал” и семејството Дестани, кое е поврзано и со фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово.

– За сопственикот Љазим Дестани во 2020 година се шпекулираше како еден од можните кандидати премиери албанци во тогашната кампања на ДУИ за премиер Албанец, а членови на ова семејство се редовни гости на настани организирани од албанската политичка елита. Најавената помош од 130 милиони евра доаѓа во период кога Македонија се соочува со голема социо-економска криза, токму поради погубните социо-економски политики на владата предводена од ДУИ и СДСМ, потенцираат од Левица.

Вчера, како што објавивме, речиси целата Влада на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неговиот коалициски партнер, беа на фрлањето прва лопата за фабриката за електрични автомобили во Тетово.