Либанскиот парламент денеска донесе историска одлука за целосно укинување на смртната казна, со што Либан стана првата арапска држава што ја воведе оваа радикална законска измена. Смртната казна во иднина ќе биде заменета со доживотен затвор проследен со извршување исклучително тешка принудна работа.

– Ова е историски чекор за нашата земја – изјави министерот за правда Адел Насар за време на парламентарната седница.

За укинувањето гласаше мнозинството од 128-те либански пратеници, а единствениот отпор дојде од пратеничката група на шиитското движење Хезболах, кои гласаа против. Засега нема официјална реакција ниту од Хезболах, ниту од влијателните верски институции во земјата, кои традиционално ја поддржуваат смртната казна како легитимно правно средство.

Реакции пристигнаа и од меѓународните невладини организации кои со години апелираа за формализирање на досегашниот мораториум или за дефинитивно укинување на најстрогата казна.

– Либан конечно заврши со суровата казна што никогаш не требаше да биде изрекувана. Смртната казна е единствена по својата суровост и неповратност, а притоа е постојано обележана со произволност, предрасуди и правосудни грешки – изјави Рамзи Каис, одговорен за Либан во организацијата „Хјуман рајтс воч“.

Оваа мала медитеранска држава воведе неофицијален мораториум врз егзекуциите уште во јануари 2004 година, но оттогаш беа изречени десетици смртни пресуди, кои подоцна беа ставани во мирување или заменувани со затворски казни.

Правните експерти укажуваат дека засега не е соодветно дефинирано како практично ќе се спроведува новата казна „исклучително тешка принудна работа“. Неколку пратеници потврдија дека точните рамки и условите за оваа казна сè уште не се прецизирани. Инаку, Либан и досега во своето законодавство имаше предвидено „тешка принудна работа“, но таа во последните години ретко се применуваше поради акутниот недостиг на ресурси и капацитети во пренатрупаните затвори.

Одлуката во парламентот се донесе во атмосфера на вжештени дебати за друг контроверзен акт – предлог-законот за општа амнестија, кој е најсеопфатен од крајот на 15-годишната граѓанска војна во 1990 година. Доколку се усвои, овој закон би овозможил намалување на казните или ослободување на осуденици за трговија со дрога и припадници на вооружени групи, со одредени исклучоци.

Поради ова, семејствата на убиените либански војници и полицајци од страна на исламистичките борци излегоа на неколку протести, изразувајќи револт што сторителите на овие злосторства, наместо со очекуваната егзекуција, со новите законски измени ќе се соочат со значително намалени затворски казни.