Либералните медиуми на Западот, при што предничат тие во САД, денес го распнаа претседателот Доналд Трамп за средбата со рускиот претседател Владимир Путин, но и за тоа како се однесувал, како не му опонирал, како „му ги лижел чевлите на непријателот“…и дека самитот „бил еден тажен ден за светот“.

Зошто вакви реакции кога светот секогаш повикивал на градење добри односи? Особено кога се во прашање односите на двете најмоќни воени сили со нуклеарен потенцијал со кој можат да ја збришат нашата цивилизација. Кому му пречат добрите односи меѓу Русија и Америка?

Нештата во Америка отидоа до таму што Трамп сега се сомнува како човек на Русија, слаб лидер, претседател кој ќе го растури НАТО, ќе го расипе трансатлантското партнерство. Некои во САД отидоа до таму што францускиот претседател Емануел Макрон го прогласија за лидер на западниот свет. И се заради клучното прашање во оваа американско-американска политичка драма во која некој на Русите им дава главна улога – Кремљ и КГБ ја шпионирале Демократската партија и Хилари Клинтон, а тоа придонело Трамп да победи на изборите. Следствено на тоа – Трамп е избран од Кремљ, а не од американскиот народ.

Не сме слушнале дека некој претседател отишол толку далеку како Трамп и на странска територија, во Финска, да каже дека тој не може да ја води надворешната политика заради политичките кавги во земјата, а пред се заради улогата на кочничар која си ја зеле демократите. И еден ден по заедничката прес-конференција во Хелсинки нема никаква реакција во Америка на прашањето на Трамп – каде е серверот на Демократската навионална конвенција? Каде се 33.000 имејли на Хилари?

Па, така наместо да се поздрави првиот чекор во правилна насока, како што истакнува американскиот политичар Рон Пол, медиумите, вели тој ја продолжија антируската пропаганда.

„Мас медиумите сакаат да ја претставата Русија како непријател. Тоа е погрешно“, вели Рон Пол во интервју со Лари Кинг.

Па, затоа, кога се гледаат глобалните случувања во светлина на никогаш полошите американско-руски односи кои сега двајцата лидери за заложија да ги поправат, се чини посоодветно е ако се констатира дека Самитот не беше тажен ден за светот, туку за мас медиумите.