Силите на опозициската Либиска национална армија (ЛНА) на Калифа Хафтар се наоѓаат на околу 11 километри од центарот на Триполи, каде се забарикадирани со челични контејнери и камионети со митралези, јавуваат светските агенции.

Жителите на Триполи велат дека слушнале истрели во непосредна близина на градот, а авиони прелетуваат над градот.

ОН соопштија дека поради судирите во Либија моментално се раселени околу 4.500 луѓе.

Болниците во Триполи и околината пријавиле дека во борби во Триполи загинале 47 луѓе, а 181 се повредени, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО).

Портпарол на СЗО соопшти дека повеќето од жртвите се борци од двете завојувани страни, но оти меѓу нив има и доктори и други цивили.

Во Либија од минатата недела се обновени судирите меѓу Либиската национална армија (ЛНА) предводена од генерал Калифа Хафтар, кој од источниот дел тргна во освојување на западниот дел од земјата и на Триполи, што се под контрола на меѓународно признаената Влада, предводена од Фајез ел Сараџ.

По соборувањето на долгогодишниот лидер Муамер ел Гадафи во 2011 година Либија е нестабилна поради големиот број вооружени групи кои се борат за власт и контрола над нафтените полиња.

Од летото 2014 година Либија е политички поделена на две влади – самопрогласената во источниот дел на земјата, со седиште во Тобрук и е под контрола на 75-годишниот Хафтар и меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи со премиерот Сараџ.