Ако може за функционерите 78% покачување, може и за нас: лицата со попреченост излегоа на протест пред Владата. Со транспаренти и свирчиња, дел и со своите негуватели, упатија 15-ина барања до централната и до локалната власт. Бараат додатокот за попреченост да се зголеми за 78%, личната асистенција да порасне од 80 на 160 часа, но и посебен народен правобранител. Ги повикаа сите граѓани да им се приклучат и да ги поддржат во нивната битка за социјална правда, пренесува ТВ Сител.

„Нашето мото е: Ништо за нас, без нас. Сакате во Европа? Не може во Европа без нас. Сите заедно. На маргините со 8 илјади денари е нула. 6 илјади денари имаме лекови, партиципираме, комунални сметки…ужас, ништо!“изјави за телевизијата Бранкица Димитровска.

„Сите здрави луѓе да ни се придружат и да се избориме заедно и за нивните права, лично за своите права, а да ни помогнат и нас, да се избориме за нашите права“, истакна Благојчо Горѓиев.

Од локалната власт меѓудрото бараат пристапен јавен превоз, пешачки патеки, паркинг и говорни семафори. Коалицијата „Менуваме“ разочарана од односот на скопската градоначалничка. Велат пред избори ни ветуваше многу, а откако победи не сака да се сретне со нас.

„Безброј пати имаме барано средба со Арсовска и секогаш сме одбиени. Дури и нејзината шефица на кабинет којашто кога нешто и треба, се јавува, а после тоа кога ќе треба да ги оствари правата, нигде ги нема. Дури сум блокиран на нејзиниот телефон“, реагираше Суарет Алишан.

Ако не се реши јавниот превоз, најавија кривична пријава за Арсовска и ЈСП. Барањата до централната власт, пак, ги испратиле и до Уставниот суд.