Лидерот на крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) Тино Чрупала ги бранеше постапките на нејзиното раководство во врска со извештаите за можна вмешаност на водечки партиски политичари со Русија и Кина.

– Ќе извлечеме јасни последици ако овие работи се потврдат против господинот Кра и господинот Бистрон, изјави синоќа Чрупала за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ.

И двајцата дадоа писмени уверувања дека нема ништо во наводите и затоа се применува презумпцијата на невиност, нагласува ДПА.

Максимилијан Кра, пратеник во Европскиот парламент е главен кандидат на АфД за европските избори во јуни, додека пратеникот на АфД во Бундестагот Петр Бистрон е на второто место на изборната листа.

По медиумските извештаи за можни врски со проруски мрежи и можни финансиски трансакции, јавните обвинители испитуваат дали треба да се отворат истраги за двајцата политичари.

Кра е под притисок и затоа што еден од неговите вработени беше уапсен под сомнение дека шпионирал за Кина.

Во жестоката ТВ дебата, политичарот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Армин Лашет го нападна Чрупала: „Во Сојузна Република Германија никогаш немало такви услови на предавство до овој степен“, рече поранешниот кандидат за канцелар на ЦДУ.