Лидерот на Хутите, Мохамед ал-Бухаити, изјави дека САД и Велика Британија „наскоро ќе сфатат“ дека нападите врз Јемен се „најголемата глупост во нивната историја“. Тој рече дека тие веќе зажалиле поради претходните напади.
„Америка и Британија направија грешка кога започнаа војна против Јемен бидејќи немаа корист од нивните претходни искуства“, напиша тој на X. „Секој поединец на овој свет е соочен со два избора – да застане или со жртвите на геноцидот или со неговите извршители“, додаде тој.
„Ние ќе одговориме апсолутно, без никаков сомнеж, на секој напад против нас со сета наша сила и одлучност, а регионот ќе биде на работ на ескалација на која никој не го знае крајот“, порача Насредин Амер, заменик секретар за информации на Хутите.
Претставникот на Хутите за надворешни работи, Хусеин ал-Изи даде изјава за јеменскиот ТВ канал Ал Масира. Тој порача дека САД и Велика Британија „ќе платат висока цена“ за „оваа бесрамна агресија“.
Хутите ќе продолжат да ги напаѓаат бродовите кои се движат кон Израел и покрај нападите на САД и Велика Британија, изјави портпаролот на Хутите, Мохамед Абдулсалам, додавајќи дека нема оправдување за нападот во Јемен.
фото: ЕПА