Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети денеска во 14 часот заедно со генералните секретари на партиите, Љупчо Николовски и Артан Груби, ќе одржат средба во Клубот на пратениците.
На средбата се очекува конечен договор за формирање владина коалиција.
Како што соопштија вчера СДСМ и ДУИ, постигнат е сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада.
За време на викендот и вчера продолжиле интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна влада на Република Северна Македонија.
СДСМ и ДУИ изминатите денови работеле на усогласување на изборните програми и распределба на одговорностите според ресори на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната влада, а разговорите биле во целост посветени на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите. Двете партии информираа дека е постигната начелна согласност во однос на распределбата на одговорностите според ресори, без да откријат детали за кадровските решенија.
СДСМ и ДУИ ги почнаа преговорите веднаш по конститутивната седница на Парламентот на 4 август, се одржаа неколку средби меѓу Заев и Ахмети. Консултации двете партии имаа и во четвртокот минатата недела, откако претходно истиот ден, шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тричасовна средба на Заев со Ахмети тогаш, во заедничко соопштение, беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.
ДУИ од своја страна соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа, изарувајќи уверување дека ќе дојдат до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.
По договорот за нова влада се очекува претседавачот на Собранието Талат Џафери да закаже продолжение на конститутивната седница и да биде избран претседател на законодавниот дом, кој, пак, во законски утврдениот рок ќе треба да свика нова седница за избор на новиот владин кабинет.