Продолжувањето на пинг-понг дипломатијата служи како потсетник за САД дека кинеско-американските односи не треба да бидат доминирани од менталитетот на Студената војна и оти не треба да има простор за идеолошки линии или конфронтации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџиен, пренесе кинеската медиумска групација (ЦМГ).
Кина и САД ќе ги здружат силите во мешани двојки на Светското првенство во пинг-понг во 2021 година, по повод 50-годишнината од пинг-понг дипломатијата, соопшти во понеделникот Меѓународната федерација за пинг-понг. „Тоа е нешто за кое треба да се радуваат љубителите на пинг-понг и спортската заедница на Кина и САД, како две нации кои го поддржуваат кинеско-американското пријателство, рече Жао на редовна прес-конференција во Пекинг.
Пред 50 години, американскиот тим за пинг-понг беше поканет од кинески колеги да ја посети Кина на крајот на 31-то Светско првенство во Нагоја, Јапонија. Американските пингпонгари слетаа во Пекинг на 10 април 1971 година, станувајќи првата американска група што го посетила од основањето на Народна Република Кина во 1949 година. Кинескиот тим отиде во возвратна посета на САД следната година.
Се верува дека овие настани на крајот создадоа услови за историската посета на тогашниот американски претседател Ричард Никсон на Кина во 1972 година, кога студената војна беше во полн ек, што јасно ја постави насоката за нормализирање на кинеско-американските односи во годините што следеа.
– Најважната инспирација од ова поглавје од историјата е дека сè додека се придржуваат до заемно почитување и рамноправен третман, земјите со различно историско потекло и социјални системи можат да постигнат мирен соживот и соработка во која имаат корист сите страни, подвлече Жао.