Познати се сите учесници во плејофот од Лигата на шампионите 2022/23. По завршување на групната фаза пласман во осминафиналето на елитното натпреварување изборија: Наполи, Ливерпул, Порто, Бриж, Баерн, Интер, Тотенхем, Ајнтрахт, Челзи, Милан, Реал Мадрид, Лајпциг, Манчестер сити, Борусија Дортмунд , ПСЖ и Бенфика.

Ждрепката за осминафиналната фаза на Лигата на шампионите ќе се одржи на 7 ноември во седиштето на УЕФА во Нион (Швајцарија).

Екипите ќе бидат поделени во две групи. Оние кои ги зазедоа првите места во своите групи ќе бидат во кошот со носители, оние кои дојдоа од второто место се во групата неносители.

Клубовите носителите го играат првиот натпревар на гостински терен, додека реваншите на домашен терен.

Во осминафиналето нема да можат да се сретнат екипи од иста земја, како и оние клубови кои сезонава играа во иста група.

Во групата носители се: Наполи, Порто, Баерн, Тотенхем, Челзи, Реал Мадрид, Манчестер сити и Бенфика.

Неносители се: Ливерпул, Бриж, Интер, Ајнтрахт, Милан, Лајпциг, Борусија Дортмунд и ПСЖ.

Првите натпревари од осминафиналето ќе се одиграат на 14, 15, 21 и 22 февруари 2023 година. Реваншите ќе се играат на 7, 8, 14 и 15 март.