Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Античките Македонци не биле ниту Грци ниту Хелени
„Во обидот да се изгради рамка за националната историја на Македонија, историчарот се соочува со непривлечна перспектива да пишува за народ што всушност самиот молчи за себе. Египќаните, Евреите, Сумерите, Асирците, Атињаните, Римјаните, и други оставиле богати наследства од литература, народна епика, архитектура, натписи и други материјални наоди. Но Македонците остануваат еден од немите народи на антиката, заедно со Спартанците, Етрурците и Картагинците… Голема пречка за пишувањето на македонската историја е фактот што ние немаме вистински македонски извор“.[1]
Што значи ова сосема автентично искажување на Борза? Значи дека за античката македонската историја не зборува „Македонецот за Македонецот“ туку зборува „Другиот за Македонецот“. Тој „Другиот“ најчесто е Хелен, а кога не е Хелен тогаш користи хеленски извори, па крајниот резултат е сосема ист. На тој начин е добиена хеленоцентричната историја за античка Македонија која од почетокот на 19 век па сè до денес го преплавува светот. Или, како што нагласува Проева, историјата на античка Македонија долго време се проучуваше во рамките на грчката историја што резултираше со она познатото Interpretatio Graeca. Токму затоа, античките Македонци биле претставувани како дел од т.н. „античка Грција“, односно како „антички Грци“. Но, од страна на „Другиот“, а не од Македонецот!
Опишаната состојба ја признаваат дури и грчките современи историчари. Кај Христо Андоновски го читаме следниот податок: „Во подлисникот ’Едно свинче-патешественик‘ професорот Пецас, покрај другото, пишуваше: ’Во 1967 година започнавме со долгорочни ископувања во Едеса (Воден, н.б.). Одевме да решиме сериозни проблеми: кои биле античките Македонци? Одговорот на прашањето не го даваат целосно историските извори за праисторискиот период. Историските извори не се објективни и за историскиот период. Македонски извори не се зачувани. За Македонците имаме информации главно од непријателите на Македонците: од Атињаните како Демостен, од Римјаните како Ливие, или од Грците под римска окупација како Поливие. Само Македонија, само македонската земја може да даде вистинска слика на Античка Македонија, непристрасно…‘“.[2]
Сепак, факт е дека не само кај нас туку и во светот, сè побројни и сè погласни се оние коишто успеваат аргументирано да ја докажат посебноста на античките Македонци и како етнос и како култура. Несомнено е дека античките Македонци не биле „Грци“, зашто тој термин во времето за кое зборуваме воопшто не се употребувал. Терминот „Грци“ почнува да се употребува од II век пр. н.е. со римските освојувања на Балканот.[3]
Етничката и културната различност меѓу Македонците и Хелените
И покрај ваквиот историски аргумент, авторите на историските трудови најчесто го користат тој термин (Грци, Грција, грчки) наместо соодветниот Хелени (хеленски). Улрих Вилкен, на пример, тврди дека „првпат во грчкиот свет се појави библиотека, каде што целото богатство на грчката литература беше собрано во неколку стотици илјади папирусни ролни“[4] или дека „неуморните битки на Александар не беа бескорисни, бидејќи со години потоа дел од Истокот остана под македонска власт, па во таа смисла можеа да опстанат грчката култура и економските идеи“.[5] (истакнатото наше – Р.М.). И кај Васил Тупурковски најчести се тие термини: „Со ваквата содржина на мировната спогодба меѓу Македонија и Атина, како и наметнатите решенија во случајот на Теба, односно Беотија, Филип II повеќе од јасно покажал дека неговите амбиции не биле освојувањето на грчките територии“;[6] „Калистен бил Грк, инаку внук на Аристотел“.[7] (истакнатото наше – Р.М.). Терминот Грција го среќаваме и кај Хамонд: „Тој (Александар – н.з.) морал лично да му оддаде последна почит на Филип, но во исто време тој требало и лично да се погрижи за ситуацијата во Грција. Воените сили на одметнатите Тесалијци веќе ја држеле речиси неосвоивата позиција во долината на реката Темпе која се наоѓала на директниот пат кон Грција“ (во оригиналот: „the situation in Greece”; „the direct route into Greece”).[8]
Но, терминот Грција го среќаваме и во преводите на таканаречените извори за историјата на Александар Македонски. Така, кај Јустин можеме да прочитаме: „Страшна и жална глетка: Грција првенка на светот и по сила и по достоинство, секогаш победничка над кралеви и народи, досега господарка на многу градови, сега да подлегне под туѓ трон и да моли или за војна или да моли да не се војува“.[9]
Во овој цитат од Јустин има неколку индикативни тврдења за темата за која зборуваме. На која „Грција“ се мисли кога се вели дека таа била „првенка на светот… секогаш победничка над кралеви и народи“? Во времето на Филип II Македонски и неговиот син Александар III Македонски не постоела држава под името „Грција“ ниту, пак, држава под името „Хелада“. Постоеле само разединети градови-држави кои постојано биле во некакви меѓусебни конфликти. Синтагмата „туѓ трон“ (се однесува на кралскиот трон на Филип II) јасно укажува на тоа дека за тогашните градови-држави Македонија е туѓа држава со туѓ трон и таа не му припаѓа на тој т.н. „хеленски антички свет“. Тоа, секако, укажува на етничката и културната различност меѓу Македонците и Хелените.
Македонија сега сигурно ќе биде тивка
Во несоодветното користење на термините понекогаш се оди дотаму што се зборува за „градови-држави на Грција“ што е далеку од фактичката, реалната состојба во 4 век пр. н.е.: „Македонија била најсигурната земја на светот за учените луѓе и филозофите, бидејќи се наоѓала вон границите на бескрајните караници на градовите-држави на Грција; нејзината престолнина Пела станала центар на цивилизираниот живот и култура“.[10] Откако уште на почетокот ќе „докаже“ дека Македонците конечно станале Хелени, односно Грци (иако малкумина од нив го знаеле грчкиот јазик?!), Вајгал, по којзнае кој пат, запаѓа во контрадикторност:
“Во меѓувреме, вестите за смртта на Филип, во Грција биле примени со општо олеснување, бидејќи ниеден грчки офицер или државник кој се вратил дома од прославата во Ајга не мислел дека младиот Александар, дури и да успее да го задржи престолот, ќе биде способен да ги исполни воените планови на убиениот крал: сите претпоставувале дека Македонија сега сигурно ќе биде тивка, за многу години, а Грција ќе биде слободна да ги отфрли спогодбите со овој нејзин агресивен северен сосед или пак ќе остави истите да пропаднат“.[11] (истакнатото наше – Р.М.). Ако Македонија е сосед на „Грција“, тогаш тоа значи дека Македонците се соседи на „Грците“ (Хелените!), а тоа значи дека Македонците не биле „Грци“! Понатаму, продолжувајќи со своите контрадикторности (еднаш Македонија е северен сосед на Грција, а другпат Македонија е дел од Грција!), Вајгал ни нуди едно тврдење кое не е поткрепено со ништо:
“Вакви биле плановите на Филип: гледајќи на Македонија како на дел од Грција, тој сакал Егејското Море да го направи грчко море, кое ќе се граничи на исток, како што веќе се граничело на запад и на север, со грчка територија“.[12] (истакнатото наше – Р.М.).
И историчарката Фанула Папазоглу го користи терминот Грција (Грци, грчки) во контекст на 4 век пр. н.е. Папазоглу наведува: „Според Харес, кого Плутарх го цитира на истото место, Калистен го држеле седум месеци во затвор со намера да му го предадат на Синедрионот за судење (бидејќи бил Грк, а не Македонец)…”.[13] (истакнатото наше – Р.М.). И ова искажување на Папазоглу укажува на историскиот факт дека античките Македонците не биле „Грци“ (поточно Хелени)!
[1] Јуџин Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 23-24.
[2] Христо Андоновски, Јужна Македонија од античките до денешните Македонци, Македонска книга, Скопје, 1995, стр. 19.
[3] Да се види подробно за ова подолу во делот “И ’античките Грци‘ не биле Грци#.
[4] Улрих Вилкен, Александар Македонски, цит. дело, стр. 329.
[5] Исто, стр. 297.
[6] Васил Тупурковски, Историја на Македонија, цит. дело, стр. 232.
[7] Исто, стр. 382.
[8] N. G. L. Hammond and F. W. Walbank, A history of Macedonia, volume III, Clarendon press, Oxford, 1988, p. 14-15.
[9] Јустин, Филиповата историја, превод Љубинка Басотова, Патрија, Скопје, 2000, стр. 76-77.
[10] Артур Вајгал, Александар Македонски, превод Јагода Сидоровска, Мисла, Скопје, 1992, стр. 80.
[11] Исто, стр. 131.
[12] Исто, стр. 157.
[13] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 132.
(Подготвил: Д.Г.)