Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Во врска со детерминирањето на походот на Исток што го презел Александар Македонски како „панхеленска војна“, Наде Проева нагласува:
„Не би можело да се рече панхеленска војна бидејќи не само што не е докажано дека античките Македонци биле Грци туку војната ја води Македонија, а не Грците. Вклучувањето на Грците во оваа војна Филип го прави (а по него и Александар од истите причини) не поради потребата од воена помош туку со цел да го намали бројот на војниците на Полуостровот кои во текот на неговото отсуство би можеле да ја загрозат Македонија“.[1]
И Пјер Бриан е дециден во однос на несоодветноста на детерминирањето на овој поход како панхеленски:
„Пролетта 330-та, Александар почнува ’брзо гонење‘ на Дариј, кој тогаш решил да се повлече кон исток. Во Екбатана, кога Александар се свртува према сатрапиите на Иранската висорамнина, тој, сигурен за неговата власт во Европа, ги распушта грчките одреди од потписниците на Коринтскиот мир, кои впрочем не одиграле важна улога во текот на освојувањето: залажувањето за ’хеленска војна‘ така конечно исчезнува“.[2] И уште: „Седумте илјади пешаци од сојузените не учествувале во ниедна голема битка на соочени војски. Сојузничките одреди пред сè служеле за заземање и за заштита. Што се однесува до грчката морнарица, бидејќи знаел дека ќе биде неспособна победоносно да ѝ се противстави на феникиската морнарица, кралот ја распуштил уште во летото 334-та во Милет… Тоа значи дека сојузничките одреди претставувале ни помалку ни повеќе туку заложници во рацете на Александар“.[3]
Веле Алексоски, пак, зборува за елитни македонски трупи кои ја сочинуваат македонската војска, употребувајќи го притоа и терминот „Грци“: „Со своите елитни македонски трупи (Грците служеле само како заменици и наемници) Александар се впушти во освојување на познатиот свет“.[4]
Наде Проева е уште подецидна:
„По задушувањето на оваа побуна на Хелените – единствена до крајот на неговото владеење – Александар најпосле имал сигурна заднина и не само што продолжил кон Исток, туку – давајќи им плата и за времето на враќање – ги распуштил сите хеленски одреди, со што завршило и залажувањето дека се води ’одмаздничка и ослободителна хеленска војна‘“.[5]
Би го приложиле овде и описот на Јустин во врска со отпорот на Хелените против македонската хегемонија:
„По заминувањето на Александар, речиси цела Грција се ставила под оружје за да си ја поврати слободата, следејќи го авторитетот на Лакедајмонците, кои единствени го одбиле мирот со Филип и Александар и ги отфрлиле нивните закони“.[6]
Доколку походот на Исток навистина бил „хеленски“ и доколку со тој поход требало „цела Хелада“ (односно „цела Грција“ како што е преведено во наведениот цитат!) да им се одмазди на Персијците, зарем „Хелените“ на ваков начин би го попречувале тој поход?
Градот срамнет со земја, а неговото население продадено во ропство
Покрај ова, несоодветни терминолошки супститути веќе споменатата историчарка Фанула Папазоглу користи и на други места и тоа секогаш кога т.н. „Хелени“ (или, според неа, „Грци“!) треба да се стават во некаков негативен контекст. На пример, кога зборува за поразот на Теба при опсадата од страна на Александар Македонски и за уништувањето на овој град-држава, Папазоглу не споменува никакви „Хелени“ ниту, пак, „Грци“ туку зборува за „Тебанци“, за „нивниот град“ и за „неговото население“ затоа што, по сè изгледа, не може и не сака да напише дека „Хелените“ (или „Грците“) биле продадени како робови:
„Судбината на нивниот град Александар му ја препуштил на советот на Коринтскиот договор. Според неговата одлука, градот бил срамнет со земја, а неговото население било продадено во ропство“.[7] (истакнатото наше – Р.М.).
Во наведениот цитат нема ниту трага од термините „Хелени“ и „Грци“ (кои на други места изобилно се користат), односно нема трага од „Хелените“ (“старите Грци“) од Теба коишто Александар ги поразил и ги продал како робови.
По сето ова, Папазоглу нè убедува уште и во тоа дека Македонците ја ширеле „грчката“ култура во Египет:
„Карактеристично е, меѓутоа, дека истовремено со принесувањето на жртва на Апис во Мемфис приредил (Александар – н.з.) игри и натпревари во гимнастика и музика, воведувајќи го, на тој начин, грчкиот начин на живот и грчката култура во освоената земја“.[8] (истакнатото наше – Р.М.).
Фанула Папазоглу очигледно заборава дека такви „игри и натпревари“ се одржувале во Македонија, односно во Дион и во Пела, долго време пред Филип II и пред Александар III Македонски.[9] Но, целта на Папазоглу е јасна – походот на Александар Македонски на Исток по секоја цена да се прикаже како „грчки“, „хеленски“ или, пак, „панхеленски“, но и да се покаже дека Македонците на Исток ја шират „грчката“ култура. Во таа своја намера, Папазоглу оди дотаму што прави една многу несмасна споредба (вчудовидена од тоа што се зборува за мешање на Персијците и Македонците, а уште повеќе од тоа што не се споменуваат никакви Грци), па го убедува читателот дека двајца „Грци“ се повеќе (или можеби сака да каже „повеќе вредат“) од 10.000 Македонци:
„Најпосле што се однесува до масовната свадба во Суза, факт е дека најугледните Македонци, кои се споменуваат по име, се ожениле со Иранки но, меѓу нив и двајца Грци, Еумен и Неарх, што е, исто така значајно, зашто приврзаниците на тезата за стопување на Македонците и Персијците ги исклучуваат не само другите Ориенталци, туку и Грците“.[10] (истакнатото наше – Р.М.).
Паушална теза дека ја ширел „грчката“ култура
Натаму Папазоглу ја повторува својата паушална теза дека Александар Македонски ја ширел „грчката“ култура: „Александар… бил и останал Македонец, што не му пречело да биде најголем почитувач и пропагатор на грчката култура и на грчкиот начин на живот“.[11]
Но, и други бројни автори овој поход го определуваат како „хеленски“. Така, Артур Вајгал пишува: „Нему (на Александар – н.з.) му требало повеќе време отколку на неговите софистицирани пријатели за да ја сфати состојбата, и затоа требало да го потсетат дека повеќе не е само крал на Македонија и водач на таканаречениот хеленски поход, туку и светски владетел“.[12] (истакнатото наше – Р.М.).
Се разбира, тоа не е сè. Вајгал продолжува: „Така, кога Египет мирољубиво минал во рацете на Александар, тој сметал дека не само што ја презел земјата која Амон му ја оставил во наследство, туку и дека ја ослободил од ориенталното ропство длабоко почитуваната земја која веќе доста била хеленизирана и која сега била зрела за припојување во хеленската империја која тој ја создавал“.[13] (истакнатото наше – Р.М.).
Но, и Артур Вајгал, исто како Фанула Папазоглу, не може да прифати дека мешањето на народите се одвивало помеѓу Македонците и Персијците, и покрај тоа што таканаречените извори за македонската античка историја го потврдуваат тоа. Вајгал се повикува на Аријан и на Куртиј Руф, но во натамошното негово излагање, едноставно, Македонците се преобразуваат во Хелени. Тој пишува: „Но, и Аријан и Куртиј, двајца автори кои ја споменуваат молитвата, кажуваат дека сојузот на душите бил помеѓу Македонците и Персијците“.[14] А веќе на следната страница додава: „…во овој мировен договор кој во оваа источна половина на земјата бил осигуран со братството по оружје на Хелените и Персијците“.[15] (истакнатото наше – Р.М.).
[1] Наде Проева, редакторска белешка во: Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 214.
[2] Пјер Бриан, Александар Велики, цит. дело, стр. 21.
[3] Исто, стр. 31-32.
[4] Веле Алексоски, Вистината за Македонија низ француската историографија, Матица македонска, Скопје, 1993, стр. 10.
[5] Наде Проева, Историја на Аргеадите, Графотисок, Скопје, 2004, стр. 284.
[6] Јустин, Филиповата историја, цит. дело, стр. 117.
[7] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 88.
[8] Исто, стр. 108.
[9] За ова да се види: Наде Проева, Студии за античките Македонци, Macedonia Prima, Охрид, 1997, стр. 44.
[10] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 176.
[11] Исто, стр. 177.
[12] Артур Вајгал, Александар Македонски, цит. дело, стр. 210.
[13] Исто, стр. 247
[14] Исто, стр. 403.
[15] Исто, стр. 404.
(Подготвил: Д. Г.)