Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Како и многу други автори кои се обидуваат Александровиот поход на Исток да го прикажат како хеленски или хеленистички, и Вајгал запаѓа во контрадикторност кога подоцна во книгата зборува за Македонците како за господари на светот: „Како и да е, оние кои сакале да си одат, можеле веднаш да се спакуваат, а тој (Александар – н.з.) ќе го забележи фактот дека, додека се наоѓал на патот да ги направи Македонците господари на светот, бил оставен сам со неколку пријатели и доброволци“.[1] (истакнатото наше – Р.М.).
Дискутабилен е, се разбира, и терминот хеленизам што во историјата го воведе германскиот историчар Јохан Густав Дројзен, а подоцна ќе го прифатат и голем број други проучувачи на историјата на античка Македонија. Терминот хеленизам најчесто се сфаќа како ширење на хеленската култура од времето на освојувањата на Александар Македонски па сè до римските освојувања на Балканот. Фанула Папазоглу вака го објаснува потеклото на овој збор: „Зборовите ’hellenismós‘ и ’hellenistés‘, кои на Дројзен му послужиле за образување на терминот ’helenizam‘, во античките извори се забележани само неколку пати. Глаголот ’helenizo‘, од кој се направени овие зборови, во антиката значел ’зборува како Грк‘, ’зборува чисто грчки‘, а потоа ’погрчување‘. Меѓутоа, во грчкиот превод на Стариот Завет од почетокот на III-от век п.н.е. (Septuaginta), зборот ’hellenismós‘ има значење на ’имитирање на хеленскиот начин на живеење и на хеленските обичаи‘. Во Новиот Завет, пак, (во Делата на Апостолите), зборот ’hellenistés‘ се употребува за одбележување на Евреин кој го прифатил хеленскиот јазик и обичаите“.[2] (истакнатото наше – Р.М.).
Наде Проева, којашто енергично застанува против употребата на терминот македонизам, појаснува дека „терминот хеленизам во науката е внесен заради фактот дека македонската и грчката култура на Исток се ширеле на грчки јазик (koine dialektos), (кој во тоа време бил јазик на писменоста и на комуникацијата, не само во дипломатијата туку и во трговијата и меѓусебните односи на обичните луѓе, така што со право може да се рече дека во тоа време бил меѓународен јазик)“ и дека основното значење на терминот хеленизам е „подражава Хелени преку прифаќање на нивните обичаи и начин на живот“.[3]
Хеленизам и македонизам
Можеби би можеле да се согласиме со Проева во врска со неприфаќањето на терминот македонизам, но контрадикторно е од една страна да се тврди дека „не би можело да се рече панхеленска војна бидејќи не само што не е докажано дека античките Македонци биле Грци туку војната ја води Македонија а не Грците…”[4], а од друга страна да се тврди дека хеленизам е соодветен поим што би значело дека македонскиот крал Александар Македонски и македонските војници во текот на походот на Исток „ги подражавале Хелените преку прифаќање на нивните обичаи и начин на живот“. Ваквата контрадикторност не е елиминирана со појаснувањето на Проева дека „Македонците биле поттикнувачи и главни носители на процесот на мешање на трите култури (македонската, грчката и источната, од кои произлегла сосема нова култура)“[5] затоа што во терминот хеленизам не може да се насети ништо од значењето кое би упатувало на македонската и на источната култура. Дотолку повеќе што термините хеленизам и хеленистички период најчесто се сфаќаат како ширење на „грчката“ (поточно хеленската) култура на Балканот и на Исток поради основата „Хелен“ во двата термина. Дека е тоа така, нека ни послужи како илустрација објаснувањето на терминот „хеленистички“ дадено од Мартин Бернал: „хеленистички: име дадено на грчката култура ширум источниот Медитеран, од освојувањето на Александар Велики до доцниот IV век пр. н.е., па сè до вклучувањето на тој регион во Римското Царство, во I век пр. н.е.”.[6]
Очигледно е дека Бернал овој термин го поврзува само со грчката (како што веќе покажавме, поточно би било хеленската) култура, а во неговата дефиниција (поимањето) за овој термин не се споменува ниту античка македонска ниту источна култура (а египетската култура не ја споменува ниту Проева).
Тоа секако значи дека термините хеленизам и хеленистички период се несоодветни и погрешни затоа што она што тие треба да го означуваат (според дефинициите) е примарно поврзано со античкото македонско кралство, со македонскиот крал Александар Македонски и неговите освојувања на Исток што се воделе со доминантна македонска војска при што се ширела, меѓу другите, и македонската култура.
Поради тоа сметаме дека најсоодветен е терминот македонски период за кој нема никакви забелешки и Проева упатувајќи на неговата примена во англосаксонската практика: „Веднаш треба да се каже дека во науката, особено во англосаксонската литература, за овој период во рамноправна употреба е и терминот македонски период (macedonian period), кој кај нас речиси не се користи“.[7] Но, овој термин не е во употреба само во англосаксонското јазично подрачје туку и кај нас во соседството: „Од оние кои успеале во тоа, ниту еден не отишол подалеку од македонскиот период, односно од Филип II, Александар, дијадосите или епигоните“.[8]
Барбарин кој зборува грчки
Терминот барбари (или варвари) е најчесто употребуваниот термин во докажувањето на етничката различност меѓу античките Македонци и Хелените. Пјер Карлие во книгата „Демостен“ наведува:
„Ајсхин тврди дека баба му по мајка на Демостен била Скитијка: значи и мајка му исто така е, значи самиот Демостен е ’барбарин кој зборува грчки‘… Суштинско е, сепак, дека мајка му на Демостен не била Атинка: Демостен е, според Ајсхин, … ’мелез‘ во политичка смисла на зборот, што значи син на граѓанин и на туѓинка“.[9]
Од цитатот е очигледно дека во IV век пр. н.е. терминот „барбари“ не значел само „туѓојазичници“, туѓинци кои зборуваат неразбирлив јазик, туку се однесува и на сите оние коишто не се Хелени, независно од тоа дали зборуваат или не зборуваат хеленски. Значи, тоа што дел од античките Македонци понекогаш го говореле таканаречениот „хеленски јазик“ (поточно koine dialektos), не значи дека тие биле дел од Хелените, односно од хеленскиот свет, зашто тој јазик го говореле и многу други народи на Балканот и на Исток. Факт е, исто така, дека кога Хелените ги посочуваат античките Македонци, најчесто го употребуваат поимот „барбари“ – значи, за Хелените античките Македонци се „барбари“, односно туѓинци, а тоа секако значи дека античките Македонци се посебна етничка група со посебна, македонска култура и со посебен јазик. А тоа, пак, од своја страна значи дека ние во трудов ќе можеме да зборуваме и за македонска култура и за хеленска култура како за две култури со свои специфики.
Прашањето за терминот барбари е елаборирано и во „Историја на македонскиот народ“: „Софистот Трасимах од Халкедон, кој бил современик на овие настани, во својата книшка ’За Ларисјанците‘ во врска со тоа напишал: ’Елини, дали треба да му служиме на Архелај кој е варварин?‘.[10] Истиот податок го среќаваме и кај Борза: „Она што не е проблематично е коментарот на Трасимах, којшто напишал една беседа Во корист на Ларишаните, од која опстанал коментарот: ’Дали ние, како Грци, треба да бидеме робови на Архелај, барбаринот?‘“.[11] И во продолжение, во врска со ова, Борза полемизира со тезата на еден грчки историчар: „Даскалакис тврди дека Трасимах не мислел на барбари во вообичаена смисла. Извадокот, тврдеше тој, треба да се сфати ’во неговиот реторички аспект на разлика помеѓу напредни и заостанати Грци во една интелектуална смисла‘. Ова е неприродно и неубедливо“.[12]
За терминот барбари (варвари) пишува и Тупурковски: „Атина, од своја страна, практично јавно застанала на страната на антимакедонските групации, при што Демостен, разгорувајќи омраза кон ’Варварите од Македонија‘ во својот, исто така, познат говор ’Првата Олинтика‘ промакедонските политичари ги нарекол предавници, имајќи ги предвид секако интересите на Грците пошироко, но пред сè тесните интереси на Атина“.[13]
Демостен против Филип II
Сепак, во докажувањето дека античките Македонци не биле Хелени историчарите најчесто се повикуваат на говорите на Демостен против Филип II што се познати како „филипики“. Доминантен цитат е оној од „Третиот говор против Филипа“, односно од „Третата филипика“ во кој Демостен недвосмислено кажува дека Филип не е Хелен: „Што и да трпеле Хелените од Лакедајмонците или од нас, трпеле од такви што биле род роден од Хелада, а тоа му доаѓа некако исто како, ако некој син прав, а роден во богат дом, нешто не го води домаќинството како треба, па за тоа заслужува укор и приговор, но не може да се рече дека тоа го правел како некој што не е близок и наследник на сето тоа. Но, ако роб или подметнат син го уништи тоа што не му припаѓа, и го растури, о Херакле, колку пострашно и заслужно за гнев, би рекле сите дека е. Но, спрема Филипа и спрема она што го прави тој, не се такви, макар што тој не само што не е Хелен, ниту нешто близок на Хелените, туку ниту барбарин од земја за која нешто убаво би можел да кажеш, туку е чума македонска, од каде порано човек ни роб не би купил“.[14]
Нешто слично Демостен кажува и во неговиот познат „Говор за венецот“: „…бидејќи знаат дека за нив како Хелени е гордост да се борат меѓусебно за првенство, но да бидат под власт на човек што не припаѓа на нивниот род и тој (Филип – н.з.) да им го одземе првенството, недостојно е и за хеленската слава и за доблеста на нивните предци“.[15]
Навистина се многубројни авторите коишто аргументирано ја покажуваат посебноста на Македонците како етнос и како култура во однос на Хелените. Јуџин Борза прави еден пресек во врска со ова прашање и нагласува дека „и Херодот и Тукидид ги опишуваат Македонците како туѓинци, различен народ што живее надвор од границите на грчките градови-држави. Во еден полемички и понекогаш погрешно толкуван есеј за ова прашање, Е. Бадијан заклучува дека, без оглед кои биле етничкото потекло и идентитетот на Македонците, на нив во нивно време генерално се гледало од Грците и од самите нив како на негрци… Оценката дека ниту Македонците се сметале себеси за Грци ниту пак биле сметани за такви од нивните соседи ја споделува и Хамонд“.[16] Борза, исто така, потенцира дека не постојат какви било докази според кои би можело да се заклучи дека Македонците биле или, пак, сакале да станат Хелени.[17] Кај Борза можеме да прочитаме и едно интересно размислување во врска со етничките и културните разлики меѓу античките Македонци и Хелените: „Македонците, според грчките стандарди, биле ноторни пијаници. Не станува збор само за војничките груби пијанчења, туку и за тоа дека тие честопати виното го пиеле акратос – некрстено – спротивно на Грците, кои виното го мешале со вода“.[18]
Александар Матковски, пак, зборува за тоа како се гледало на ова прашање во 19 век: „Уште во XIX век германските научници докажале дека Филип Велики и Александар Македонски не биле Грци туку антички Македонци и дека Словените од Македонија се посебен народ кој од Грците се разликува по своето потекло, јазик и традиции. Ова го докажал уште германскиот патописец Јакоб Филип Фалмерајер во 1841 година. Патувајќи низ Македонија, утврдил дека Грците ја присвоиле историјата на античките Македонци и на современите Славомакедонци“.[19]
Исто така и Џозеф С. Г. Гандето (Josef S.G. Gandeto, Differences between the Ancient Macedonians and the Ancient Greeks) недвосмислено потврдува:
Ниту еден факт од антички авотри дека Македонците биле Грци
„Не постои ниту еден збор ниту факт напишани од антички автори кои покажуваат дека Македонците се Грци. Не постои ниту еден напишан збор, ниту факт според кој Македонците себеси се сметаат за Грци. Не постои ниту една единствена книга напишана од антички автори, вклучувајќи ги и античките грчки автори, која го измешала потеклото, а не ги покажува разновидните разлики помеѓу Македонците и Грците“.[20]
И Улрих Вилкен го согледува непријателството меѓу Македонците и Хелените како ривалство меѓу два народа: „Антагонизмот беше реципрочен, бидејќи Македонците беа израстени во една горда и самосвесна нација, која со презир гледаше на Елините“.[21] Натаму во своите излагања Вилкен експлицитно кажува дека станува збор за два народа: „Сè повеќе се распламтуваше борбата во која и Грците и Македонците беа исполнети со амбиции да ја покажат својата супериорност над респектираниот непријател. Силната антипатија што постоеше меѓу двата народа дојде до израз во оваа битка“.[22] Вилкен дури и зборува за античката македонска држава како за национална држава: „Ниту државата на Птолемејците, ниту онаа на Селеукидите не беше национална држава. Тие беа територијални држави, во кои македонската династија, потпомогната од Македонците и Грците владееше со над милион ориенталци. Луѓето немаа право на кралско државјанство. Само третата голема сила, Македонија, може да се опише како национална држава, бидејќи македонската династија владееше со предоминантниот македонски народ. Овој начин на владеење покажува посебна моќ, особено кога ја споредуваме Македонија со двете други сили, моќ која беше искажана и со својот единствен воен систем. Тоа беше причината поради која Римјаните гледаа во Македонија најопасен противник на Исток“.[23]
[1] Исто, стр. 306.
[2] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 16.
[3] Наде Проева, Вовед, во: Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 6.
[4] Наде Проева, редакторска белешка во: Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 214.
[5] Наде Проева, Вовед, во: Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 6.
[6] Мартин Бернал, Црна Атена: афроазиските корени на класичната цивилизација, Прв том: Фабрикувањето на античка Грција 1785-1985, превод Димитар Симоновски, Александар Ускоков, Томе Силјаноски, Табернакул, Скопје, 2009, стр. 550.
[7] Наде Проева, Вовед, во: Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 6.
[8] Диодор са Сицилије, Александар Велики и његови наследници, Историјска библиотека, Књиге XVII-XXII, Предговор, превод са грчког и коментари Маријана Рицл, Матица српска, Нови Сад, 1998, стр. 11.
[9] Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 46.
[10] Историја на македонскиот народ, Том први, цит. дело, стр. 56.
[11] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 184-185.
[12] Исто, стр. 185 (фуснота 15).
[13] Васил Тупурковски, Историја на Македонија, цит. дело, стр. 117.
[14] Демостен, Трет говор против Филипа, во: Говори, превод Даница Чадиковска, Култура, Скопје, 1995, стр. 78.
[15] Демостен, Говор за венецот, во: Говори, цит. дело, стр. 145.
[16] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 106-107.
[17] Исто, стр. 316.
[18] Исто, стр. 57.
[19] Александар Матковски, Македонија во делата на странските патописци 1371-1777, цит. дело, стр. 22.
[20] Цитирано според: Ристо Стефов, Историја на македонскиот народ од античките времиња до денес, Македонска искра, Скопје, 2008, стр. 14.
[21] Улрих Вилкен, Александар Македонски, цит. дело, стр. 58.
[22] Исто, стр. 135.
[23] Исто, стр. 298.
(Подготвил: Д. Г.)