Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Сепак, најдециден и најконкретен во излагањата за ова прашање е американскиот професор Јуџин Борза кој сублимира: „Архитектонската форма, декорацијата и погребните предмети од овие гробници, кои сега се помеѓу шеесет и седумдесет на број, се поинакви од она што е пронајдено на грчкиот југ, па дури и во соседните независни грчки држави на северното егејско приморје (освен Амфипол). Македонските погребни обичаи укажуваат на различно гледање на задгробниот живот од грчките“.[1] И уште една мошне индикативна забелешка на Борза за посебноста на античките Македонци како култура и како ентитет: „Гробниците во Вергина ја отсликуваат вообичаената македонска култура на погребување“.[2]
Дури и откривачот на македонските гробници во Кутлеш, грчкиот професор Манолис Андроникос, на крајот ќе ја признае специфичноста, односно посебноста на античката македонска култура. Еве како го објаснува тоа Христо Андоновски: „Меѓутоа, откако помина нескротливиот ентузијазам, самиот професор г. Манолис Андроникос (шеф на археолошката екипа во Кутлеш – н.з.), во една статија во в. ’То вима‘ од 25 декември 1977 година се покажа многу посталожен… Самиот професор на извесен начин го побива тврдењето дека се работи за ’грчка култура од Македонија до Кипар…‘, туку дека тоа е ’висока култура на Македонија, зашто станува збор за блескавата ѕвезда, што е типично македонска и се наоѓа на штитовите, посебен македонски амблем што се наоѓа на саркофагот, за типичен македонски амблем, специфична опрема за ставање на стрелите, за специфичен начин на погребување, типично само за Македонците од единаесеттиот век наваму – факти што сами по себе зборуваат за сосема посебна материјална култура од грчката‘“.[3]
И „античките Грци“ не биле Грци
Има автори кои настојчиво и тенденциозно се обидуваат сета античка култура на македонските простори и пошироко, па дури и на Исток во Азија, како и сета историја на античка Македонија (се разбира, и од времето на Филип II и Александар III Македонски) да ја претстават како „грчка“. На секоја страница, безмалку во секој ред, се повторуваат термините Грци, Грција, Стара Грција, Стари Грци итн., како и грчки (грчка, грчко).[4] Очигледна е тенденциозноста на овие автори кои воопшто не го земаат предвид (односно го игнорираат!) фактот дека во 4 век пр. н.е. овој термин воопшто не се користел, односно дека името Грција и сите изведенки од тоа име не се употребувале во предримско време.
Да го проследиме автентичното и мошне солидно и убедливо објаснување на Наде Проева во врска со ова прашање:
„Од римско време името Хелени е потиснато со името Грци, како што Римјаните ги нарекле Хелените, според името на малото племе Graikoi = Graeci, првото племе со кое се сретнале при навлегувањето во Хелада. Тоа име и денес се користи во современите јазици во кои влегло преку латинскиот јазик. Во византискиот период Грците се нарекувале Romaioi = Romaei,* додека името Хелени, со средновековен изговор Елини, во христијанската литература се употребува за означување на паганите, а ellinizmos за паганството. Инаку името Ромји може да се чуе и ден денес во Грција, впрочем во грчките народни песни се пее за Ромји а не за Хелени односно Елини. Дури по ослободувањето од турската власт, Ромјите се реелинизирани така што е земено името Hellênes, Елини на новогрчки, и Hellás, dos односно Елада со цел да се докаже нивното божемно потекло од Хелените“.[5]
Сосема идентичен податок среќаваме и кај Веле Алексоски:
„Ако биле Грци (овој термин се слуша за првпат со доаѓањето на Римјаните во Епир во II век пред И.Хр.) како можеле сами себе да се потчинат?“.[6] (истакнатото наше – Р.М.).
Истото го тврди и Ристо Стефов:
„Читателот треба да биде свесен дека зборот ’Грк‘ е латински израз што потекнал во римската доба и не треба да се користи при именување на народот кој постоел стотици години порано. За да се исправи оваа историска грешка, ќе го користам изразот ’градови-држави‘ наместо ’Грција‘ онаму каде што тоа е соодветно“.[7]
Тоа значи дека терминот Грција (како и Грци, грчки итн.) употребен во контекст на 4 век пр. н.е. е несоодветен, односно некомпатибилен со времето за коешто станува збор. „Античките Грци“ воопшто не биле Грци туку Хелени, а како што веќе зборувавме, дискутабилно е прецизното значење на термините Хелада и Хелени затоа што е нејасно која територија се опфаќа со поимот Хелада и кое античко население влегува во терминот Хелени.
Според тоа, кога се зборува, на пример, за жителите на античка Атина, како и за жителите на другите антички јужнобалкански градови-држави во времето пред 2 век пр. н.е., не може да се зборува за „Грци“, туку за Хелени. А тоа бездруго значи дека т.н. „антички Грци“ не можеле и не може да бидат Грци туку Хелени – термин кој е сосема соодветен кога станува збор за предримскиот период. Употребата на терминот Грци (Грција, грчки итн.) за античкиот предримски период воопшто не е соодветна, не е компатибилна со временската рамка, па според тоа не е ни автентична. Целта е јасна – да се наметнува историската невистина дека денешните Грци се чисти потомци, па според тоа и наследници, на старата, односно античката историја и култура на овие простори.
Ваквата тенденциозност во историографијата не е појава што е карактеристична само за нашево време. Тоа го имало дури и во античкиот период, а за тоа сведочи античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј. Во врска со ова Донски пишува:
„Флавиј споменува неколку вредности од разни области кои Грците ги присвоиле од Египќаните и од Халдеанците. Тој ги критикува и тогашните грчки историчари и притоа наведува бројни примери за контрадикторности во нивните дела. Флавиј констатира дека најголемиот дел од грчките историчари уште во негово време (1 век по Христа!) пишувале далеку од вистината.
Флавиј прави осврт и за потеклото на т.н. ’старогрчко писмо‘. Тој пишува дека самите Грци од негово време признавале дека нивното писмо не било автентично грчко“.[8]
За ова суштинско прашање, еден мошне интересен податок наоѓаме и кај Ана Шукарова: „Воопшто во антиката се шири римска фама дека ’Graeculi‘ се измамнички суштества“.[9]
За „погрчувањето“ на хеленските термини
Можеби најдобриот пример за „погрчувањето“ на хеленските термини и нивното поимање е детерминирањето на македонскиот крал Александар I како „љубител на Грците“, односно како „гркољубец“. Историските податоци за Александар I укажуваат на тоа дека тој бил нарекуван „филхелен“ (Philhellene), па тоа се објаснува, односно се преведува како „пријател на Грците“: „Него го опишуваат лексикографите од четвртиот век како ’Филхелен‘, односно како ’пријател на Грците‘“.[10]
Очигледно е дека и овде е извршена несоодветната супституција на Хелен со Грк, па така е добиена неавтентичната именка гркољубец (наместо филхелен). Во терминот philhellene нема ниту „г“ од „Грк“ па, според тоа, јасно е дека станува збор за тенденциозна адаптација на овој термин кога тој се пренесува како гркољубец.
Идентична несоодветна употреба на истиот термин среќаваме и во преводот на македонски јазик на книгата „Александар Македонски“ од Артур Вајгал: „Но, на крајот, во ноќта пред битката кај Платеја, тој (Александар I – н.з.) ги издал освојувачите на Атињаните поради што ќе го добие името Philhellene, ’Љубител на Грците‘“.[11] (истакнатото наше – Р.М.).
Станува збор, значи, за 4 век пр. н.е., а како што веќе видовме терминот Грци тогаш воопшто не се употребувал, па според тоа и адаптацијата на филхелен во пријател на Грците или во гркољубец е несоодветна и неавтентична, но и тенденциозна! Од друга страна, податокот дека македонскиот крал Александар I бил филхелен многу често се користи од страна на историчарите за да ја истакнат посебноста на античките Македонци во смисла на етносот и културата. Имено, ако македонскиот крал Александар I бил филхелен, тогаш е јасно дека тој не бил Хелен!
Во обидите да ги избегнат овие терминолошки недоследности, некои од авторите на историските трудови запаѓаат дури и во вакви тавтолошки замки: „Обврзувајќи се на овој начин кон својот освојувач, Атињаните кралски го нагостиле Александар; а тој, кој никогаш не го посетил овој центар на атинската култура, бил неизмерно восхитен…”.[12] (истакнатото наше – Р.М.). Од ваквиот исказ на Вајгал можеме да прочитаме дека „Атина била центар на атинската култура“!?
Меѓутоа, етнонимот Грци (како и Грција, грчки) не е дискутабилен само за античкиот период пред римските освојувања на југот од Балканот. Дури и на почетокот од 19 век, пред формирањето на грчката држава, било оспорувано постоењето на грчката нација, односно на грчкиот народ. Александар Донски го дава овој податок во контекст на антиката и современоста: „Денес голем број луѓе во светот веруваат дека современите Грци се ’чисти потомци на Хелените‘. Но, до не така одамна состојбата воопшто не била таква. Постои документ од 19 век во кој пишува дека тогашните водечки европски политичари на тогашните грчки востаници (кои барале помош од нив) им рекле дека ’грчка нација не постои‘.[13]
Метерних изјавил дека „не постои грчки народ“
Блаже Ристовски го конкретизира овој историски аргумент: „Па сепак големите сили сè уште не сакаа официјално да ја признаат грчката нација. Илустративен е следниов пример. Кога на Берлинскиот конгрес во 1814 год. истакнатите грчки лидери што живееја во Русија, Каподистрија и Ипсиланти поднесоа молба за ослободување на Грција, предлогот не бил примен ни за разгледување, а Метерних изјавил дека ’не постои грчки народ‘“.[14]
Ваквата состојба со непризнавањето на Грците како народ во 19 век му е добро позната и на Блаже Конески: „Тогаш доаѓа петиција од страна на грчката хетерија со молба, на тој тогашен самит, да се постави грчкото прашање и да се направи нешто за заштита на Грците во рамките на турската империја, бидејќи тие се подложени на насилство во таа империја. Одговорот е на тоа, од страна на тоа високо тело, дека во списокот на европските нации нема грчка нација“.[15]
Причините за ова ги појаснува Јуџин Борза: „Грците од деветнаесеттиот век се нарекуваат себеси Romaioi, а земјата Roumeli, доказ за нивното римско наследство, и покрај нивниот грчки јазик и словенско мешање“.[16]
Од сето ова што го елабориравме може да се заклучи дека употребата на етнонимот Грци (како и термините Грција, грчки) за предримскиот антички период е несоодветна и неавтентична. Поради тоа за жителите од античките јужнобалкански градови-држави од 4 век пр. н.е. ќе го користиме терминот Хелени (како и Хелада, хеленски). Видовме, исто така, дека античките Македонци се посебна етничка група со своја држава, со свој јазик, со сопствени карактеристични обичаи, односно со своја специфична култура. Токму затоа ние во трудов ќе зборуваме за македонска култура која извршила свое влијание врз и се мешала со хеленската, египетската и персиската култура, а во тој процес огромна улога одиграл Александар Македонски со преземањето на македонскиот воен поход во Азија, односно во Персија.
[1] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 105-106.
[2] Исто, стр. 293.
[3] Христо Андоновски, Јужна Македонија од античките до денешните Македонци, цит. дело, стр. 25-26.
[4] Да се погледне, на пример, која било (!) страница од веќе цитираните книги на Артур Вајгал и Џ. Р. Елис.
[5] Наде Проева, редакторска белешка во: Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 268. За ова да се види и: Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 119-120.
[6] Веле Алексоски, Александар Македонски низ француската историографија, Royal Star Group, Скопје, 2007, стр. 5.
[7] Ристо Стефов, Историја на македонскиот народ од античките времиња до денес, цит. дело, стр. 13.
[8] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација, цит. дело, стр. 148.
[9] Ана Шукарова, Сведоштво на атинскиот политичар Ајсхин за македонскиот басилевс Филип II; Цитирано според: Александар Македонски во науката и во свеста на потомците, цит. дело, стр. 180.
[10] Џон Шеј, Македонија и Грција, Битката за дефинирање нова балканска нација, цит. дело, стр. 68.
[11] Артур Вајгал, Александар Македонски, цит. дело, стр. 27.
[12] Исто, стр. 111.
[13] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација, цит. дело, стр. 11-12.
[14] Блаже Ристовски, Македонскиот народ и македонската национална свест (двојна книшка), Радио-телевизија Скопје, Скопје, 1968, стр. 57.
[15] Цане Андреевски, Разговори со Конески, Култура, Скопје, 1991, стр. 453.
[16] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 75-76.
(Подготвил: Д. Г.)