Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Реноминациите на Александар Македонски
Големиот воен поход во Азија и епитетот aniketos (непобедлив) го направија Александар Македонски (во историјата најчесто именуван како Александар III Македонски и Александар Велики) еден од најславните личности во светската историја. Бројни народи и култури го адаптираа неговото битие кон своите традиционални цивилизациски матрици. Во тие адаптации се вклучува и името на Александар Македонски кој кај разни народи и религии со текот на времето добивал различни имиња.
Покрај тоа што неговото име проследено со еден краток опис на неговиот живот и неговите освојувања се среќава во Библијата,[1] Александар Македонски е застапен и во Коранот, светата книга на муслиманите. Александар Донски на неколку места во своите историски трудови го потенцира овој факт: „Среде муслиманите во Катарагама (но и пошироко) постои уште едно традиционално верување според кое Александар Македонски дури се смета и како еден од пророците на Алах (Бог)! Според ова предание, од првиот човек на светот Адам (кој се смета за прв пророк), до последниот пророк Мухамед имало вкупно 124.000 пророци (набиси), а од нив само 313 биле посебни пророци (расули). Само 25 набиси биле спомнати во Кур’анот, а Алах им дал посебна сила само на неколку од нив. Сите тие живееле во различни времиња, а еден од нив бил и Александар Македонски, познат под името Зул-Карнијан или ал-Искандар. Ова значи дека, според ова официјално исламско толкување, најпознатиот македонски цар е сметан како пророк на Бог“.[2]
Покрај ова, како што појаснува Донски, и во Пакистан Александар Македонски се смета како една од најзначајните историски личности во пакистанската историја, заедно со бројни султани, шахови и ханови. Во Пакистан Александар е познат под името Сикандер-и-Азам. Во чест на Александар Македонски, додава Донски, во исламскиот ономастикон до денес постои неговото име, иако во малку изменета форма и во неколку варијанти (Искендер, Скендер, Сикандер и други).[3]
Ликовни претстави во кои е прикажан со два рога
И во својата книга со наслов „Античко-македонското наследство во денешната македонска нација“ Донски го дообјаснува ова прашање за присуството на Александар Македонски во исламската света книга: „Имено, познати се ликовни претстави на Александар Македонски во кои тој е прикажан со два мали рога на главата. Како таков Александар е запаметен и во исламската света книга Кур’ан по описното име ’Зул-Карнијан‘, што значи ’оној со два рога‘. Германскиот историчар Улрих Вилкен пишува дека ваквото детерминирање на Александар потекнува од старото египетско предание, според кое Александар е претставен како ’син на Амон‘. Од своја страна, синот на Амон, во ликовните претстави секогаш бил прикажуван како лик кој на главата има два мали рога. Поради тоа Вилкен смета дека оттука потекнува описното име на Александар како ’оној со два рога‘, кое подоцна секако дека е пренесено и во фолклорот“.[4]
Истиот податок може да се најде и во енциклопедиските изданија за исламот: „Општо е прифатено, како од исламските толкувачи, така и од современите западни научници дека Зул-Карнијан или ’оној со два рога‘, спомнат во сурата 18, 82/83-98, всушност го претставува Александар Велики“ (Encyclopaedia of Islam, New Edition, Vol. IV, 1978).[5]
Римските цареви, исто така, покажувале голема почит и воодушевеност од храброста и генијалноста на Александар Македонски како воен стратег. Токму поради тоа, кон неговото име Александар Римјаните ќе го додадат и епитетот „Велики“: „Римјаните беа оние што на Александар му ја дадоа титулата ’Велики‘ (Magnus)“.[6]
Покрај ова, во историските трудови коишто ја обработуваат епохата на античка Македонија, Александар Македонски многу често се именува едноставно како Македонецот. Кај Пјер Бриан читаме: „…потфатот на Македонецот ги отвори Средниот Исток и средна Азија…”.[7] Истата форма ја употребува и италијанскиот автор Даниеле Форкони кој едно поглавје во книгата за Александар Македонски го насловил „Македонецот се подготвува за освојувањето на Азија“ (Il Macedone si prepara a invadere l’Asia).[8]
Ангелина Маркус и Ристо Поповски во книгата „Филип Втори Македонецот“ даваат еден поопширен преглед на разните имиња на Александар кај разни народи, но притоа не наведуваат ниту еден извор за ваквите податоци: „Тоа име е распространето по светот и има разни варијанти кај многу народи во изговорот: за муслиманите Александар е Искендер; за Евреите – Мундон; за Индијците – Сикиндер; за Унгарците – Шандор; во Авганистан го викаат Њуксандар; за Хунзите – Јаксула. Во Узбекистан името значи ни дојде царот господар и застана овде“.[9]
Сепак, како што веќе потенциравме, најчестите деноминации за овој македонски крал се Александар III Македонски, Александар Македонски и Александар Велики. Во овој труд најчесто ќе ја употребуваме формата Александар Македонски или, пак, само Александар тогаш кога од контекстот се подразбира дека станува збор за македонскиот крал Александар III Македонски, а некаде и само Македонецот.
Македонија и Александар
Почетоците на создавањето на македонската античка држава историчарите ги лоцираат во 8 век пр. н.е. и тоа преку обединувањето на сродните племиња во една држава под водство на династијата на Аргеадите,[10] додека процесот на етногенезата на македонскиот народ се одвива во железната доба (од 12 до 8 век пр. н.е.). Проева зборува за македонски митски владетели и за македонски историски кралеви. Според Проева, во изворите се споменуваат дванаесет легендарни владетели, на чело со Херакле, родоначалникот на кралската куќа Аргеади. Меѓу нив се и Теменос, Кисеј, Каран, Којнос, Тирима.[11] Сепак, Проева наведува список од 13 македонски легендарни кралеви: Херакле, Хил, Клеодај, Аристомах, Темен, Кисеј, Тестиј, Мероп, Аристодамида, Фејдон, Каран, Којнос, Тирима.[12]
За првите историски кралеви на античка Македонија, пак, познати се и годините на владеење: Пердика I (707 – 659 година пр.не.е.), Аргај (659 – 645), Филип I (644 – 640), Аероп I (639 – 574), Алкета (573 – 541).[13] Потоа следуваат владетелите: Аминта I (540 – 498 година пр. н.е.), Александар I (498 – 454), Пердика II (454 – 413), Архелај (413 – 399), Орест (399 – 396), Аероп II (396 – 394), Аминта II (394 – 393), Павсанија (393 – 392), Аминта III (392 – 370), Александар II (369 – 368), Птолемај од Алорос (368 – 365), Пердика III (365 – 359), Филип II (359 – 336).[14] По атентатот врз Филип II во 336 година пр. н.е. на власт доаѓа Александар III (336 – 323), а по него владее Филип III Аридај (323 – 317). Со убиството на Александар IV (323 – 309), синот на Александар III Македонски, завршува владеењето на династијата на Аргеадите.
Своето име, како што појаснува Милан Бошкоски, Македонија го добила од епонимниот херој Македон: „Според легендарното кажување на античките автори, Македонците своето име и името на својата земја го добиле по епонимниот херој Македон. Според зачуваниот фрагмент на Хесиод, кај византискиот цар и писател Константин VII Порфирогенит, во делото ’За темите‘ се вели: ’Областа Македонија (го носи името) по Македон син на Зевс и Тија, ќерката на Девкалион како што кажува Хесиод: Таа (Тија) откако затрудне со богот на молњата Зевс му роди два сина – Магнет и Македон борбениот коњаник, кои живееле околу Пиерија и Олимп‘… Според други автори, притоа цитирајќи го Хеланик и неговото дело ’Светковини од Аргос‘, царот Константин VII Порфирогенит пишува дека Македонија била така наречена по ’Македон синот на Еол, по кого се нарекуваат Македонците кои тогаш сами живееле меѓу Мизите‘“.[15] Натаму Бошкоски дообјаснува: „Името Македонија за државата и Македонци за народот започнало да се употребува од VIII/VII век пр. н.е. по формирањето на македонската држава од страна на владетелското семејство Аргеади во областа Орестида… Тоа значи дека името Македонија има историски континуитет од речиси 3.000 години“.[16]
Но, за легендарниот македонски предок Македон постојат неколку верзии коишто Борза концизно ги сублимира: „Како и другите етнички групи, подоцнежните Македонци си создале митски предци. Најистакнат меѓу нив бил Македон, којшто е различно опишуван како син на Ѕевс и Тија (ќерка на Девкалион), син на Ајол (односно Еол – н.з.), син на Хелен и брат на Дор, син на Ајак, и син на Ликаон, татко на Пинд. Не постои начин да се подредат овие различни преданија – всушност, веројатно не постои историска основа за овие предци“.[17]
Безмалку секој историски труд за Александар III Македонски започнува со опишување на владеењето на античкиот македонски крал Филип II Македонски. И не само тоа туку и речиси секое прозно литературно дело коешто му е посветено на Македонецот, исто така, започнува со книжевно (книжевно-историско) претставување на неговиот татко Филип II. Тоа, се разбира, воопшто не е случајно.
Филип II ги утврдил границите на кралството Македонија
Филип II успева да ги утврди и да ги стабилизира границите на кралството Македонија со воени дејства, но и по дипломатски пат. Извршил економски и воени реформи, ги покорил сите соседи на Македонија кои постојано ги напаѓале Македонците, станал хегемон на Хелените и ги спровел подготовките за почетокот на македонскиот воен поход против Персија. Можеби најдобрата слика за политиката што ја водел Филип II ни ја дава Демостен во својот „Трет говор против Филипа“ каде што вели: „Нели пишува дословно во писмо ’Јас сум во мир со оние што сакаат да ме слушаат‘? И тој тоа не само што го пишува туку и го прави… Ни Хелада ни земјата барбарска не ја задоволува желбата на тој човек за што повеќе“.[18]
Кралството Македонија, односно античка Македонија, го зафаќала централниот дел од Балканскиот Полуостров. На југ границата допирала до реката Пенеј (Peneios), на југоисток до планината Олимп, а на југозапад до Пинд. Западната граница се простирала по Шар Планина, а на север од планината Јакупица по долината на реката Пчиња и Осоговските Планини па сè до планината Рила. На исток границата на античка Македонија била по источните падини на Пирин Планина до устието на реката Места. Приморскиот дел на Македонија бил нарекуван Долна Македонија, додека нејзиниот внатрешен планински дел – Горна Македонија.[19] Интересен е податокот дека приближно истите граници (географски и етнографски) Македонија ги имала и пред нејзината поделба во 1913 година, се разбира тогаш веќе со доминантен словенски карактер. И во 20 век, како што потенцира Блаже Конески, македонскиот јазичен ареал на југ допирал до Тесалија: „Македонскиот јазик го сочинуваат група словенски говори што се наоѓаат во најјужниот дел на слов. јазичен свет, допирајќи и во XX в. сè до реката Бистрица (Αλιακμόν) во Грција, на границата со Тесалија“.[20]
Античката македонска држава имала кралско уредување, односно таа била монархија. На чело на државата стоел кралот. Нејасно е, како што наведува Проева, од каков тип било македонското кралство: од конституционален тип, национално кралство, апсолутна монархија, воена демократија, патријархално кралство и сл. Најзастапени се тезите за кралство од конституционален тип и за персонално (автократско) кралство. Сепак, појаснува Проева, македонското кралско уредување не било статично и во различни времиња има различни обележја.[21] Во најстариот период македонското кралство било од конституционален тип, додека пак „Александар постепено востановува нов, дотогаш непознат облик на монархија наречен апсолутна монархија од просветен тип”.[22] Во врска со ова, Шкариќ и Иванов нагласуваат: „Александар III Македонски се смета за творец на основниот облик на владеење во неговото време – апсолутна монархија од просветен тип. Неговиот концепт за владеење како апсолутизам што ја користи религијата за да воспостави мир меѓу различни народи ќе доминира во Европа сè до пробивот на национализмот и демократијата во модерни времиња“.[23]
Покрај религиозната и воената функција, кралот имал и судска власт. Тој бил еден вид јавен обвинител за престапи кога казната била смрт (de capitalibus rebus) за што судело Македонското собрание. Но, и оваа должност морал да ја извршува во согласност со законите. „Така на пр. Филип II ја платил казната на осудениот бидејќи за време на судењето заспал! Очигледно се работи за случај на апелација, а не за обично судење, зашто во толку голема држава како Македонија кралот не можел да суди сè та морало да има судии. Во време на Филип судии се спомнуваат ама не е јасно дали станува збор за судии на централната власт, или пак за локални“.[24]
Македонскиот крал бил избиран од Собранието на Македонците, а тоа значело дека Македонците своеволно ја прифаќаат кралската власт и дека ги задржуваат своите права (обраќање до кралот, право на апелација, право да решаваат за одредени работи), па затоа, како што наведува Проева, некои научници го нарекуваат договорно кралство. Во таа смисла, Македонците особено инсистирале на правото на исегорија, а за тоа Проева наведува еден мошне показателен пример: „Така на пр. кога Филип ѝ рекол на една стара жена дека нема време да ја сослуша, таа му одговорила: ’Тогаш немој да кралуваш‘“.[1]
Кралските инсигнии во античка Македонија останале исти сè до крајот на македонското кралство: бела лента, македонска капа каусија (или кавсија), метална дијадема, порфирна облека, кожа од лав, жезол (sceptrum), прстен-печат, парадно оружје.[2]
[1] Исто, стр. 54.
[2] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 322-324. Подетално за особеностите на уредувањето во античка Македонија да се види: Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 48-79.
[1] Свето писмо (Библија), Стар завет, Прва книга Макавејска, 1, 1 – 10.
[2] Александар Донски, Уделот на Македонците во светската цивилизација, Емари, Штип, 2009, стр. 52.
[3] Исто, стр. 56.
[4] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација, цит. дело, стр. 77.
[5] Цитирано според: Александар Донски, Уделот на Македонците во светската цивилизација, цит. дело, стр. 49.
[6] Улрих Вилкен, Александар Македонски, цит. дело, стр. 305.
[7] Пјер Бриан, Александар Велики, цит. дело, стр. 97.
[8] Daniele Forconi, Alessandro Magno, Giunti, Firenze, 2002, стр. 33.
[9] Ангелина Маркус, Ристо Поповски, Филип Втори Македонецот, самостојно издание, Скопје, 2008, стр. 95.
[10] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 139.
[11] Исто, стр. 142.
[12] Исто, стр. 381.
[13] Исто, стр. 144.
[14] Исто, стр. 381-382.
[15] Милан Бошкоски, Имињата Македонија и Македонци во средновековните извори, Републички завод за заштита на спомениците на културата, Скопје, 2003, стр. 22.
[16] Исто, стр. 28.
[17] Јуџин Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 77.
[18] Демостен, Говори, цит. дело, стр. 77.
[19] Подетално за почетоците, границите како и за името на Македонија да се види: Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 33-47; Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 7-26.
[20] Блаже Конески, Историска фонологија на македонскиот јазик, МАНУ, Култура, Скопје, 2001, стр. 1. За ова да се види и: Блаже Конески, Историја на македонскиот јазик (Избрани дела, книга седма), Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, Скопје, 1981, стр. 9.
[21] Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 48-49.
[22] Исто, стр. 71.
[23] Светозар Шкариќ, Ѓорге Иванов, Политички теории ≠ антика, цитирано според: Александар Македонски во науката и во свеста на потомците, приредила Светлана Христова≠Јоциќ, цит. дело, стр. 125.
[24] Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 58-59.
(Подготвил: Д. Г.)