Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Македонската античка култура
Иако научните сознанија за античката македонска култура се штури и нецелосни, особено во однос на писмените траги, сепак има сосема солидни аргументи коишто сведочат за постоењето на автентична и автохтона македонска античка култура на балканските простори. Постоењето на таквите аргументи го илустрира Христо Андоновски: „Во тринаесеттиот том, издание на американскиот Универзитет ’Џон Хопкинс‘, посветен на археолошките наоди во македонскиот град Олинт на Халкидискиот Полуостров, се зборува за создавање автохтона македонска култура со фригиско и тракиско влијание, многу порано од контактите што ги создала македонската со микенската култура, што датираат од петтиот век од ст. ера наваму. Наодите од Олинт, подоцна и од други македонски локалитети, како што беше македонскиот гроб близу до Вергина и други предмети: керамички вазни, ќупови, разни украси и друго, се мошне блиски со уметноста на Троја, и на други области и центри во северозападна Анадолија, факт што го признава и Хартли во неговата книга ’Праисториска Македонија‘“.[1]
Обичаите во античка Македонија недвосмислено ја покажуваат етничката посебност на Македонците. Имено, бројни се обичаите кои се специфични за античкиот македонски народ, а дел од нив се среќаваат и денес во современата македонска култура.
Кај античките Македонци постоел т.н. ритуал на преправање кој бил поврзан со Дионис. Според Проева, овој ритуал имал иницијациски карактер, односно „ова ритуално криење и преправање, т.е. полова травестија, било во врска со минувањето од детство во зрелост, односно прераснување на сè уште полово неоформеното дете во суштество со определен пол“.[2] Во изворите се споменува и македонскиот свадбен обичај на сечење (односно кршење) на лебот (погачата) на свадбата на Александар со Роксана, а тој обичај на кршење на погачата и каснување од неа се задржал и до денес. Кај Куртиј Руф читаме: „Кралот, обземен од љубовен жар, заповедал да донесат леб (кај Македонците ова било најсвет залог за брак) што пресечен со меч обајцата го бакнале“.[3]
Лебот и житото, како што нагласува Проева, „имале голема улога кај Македонците – на пример, границите на новите градови се обележувале со брашно. Така, при втемелувањето на Александрија во Египет, тлоцртот на градот, кој имал облик на хламида, бил исцртан со брашно од јачмен“.[4]
Покрај овие, постоеле и многу други обичаи кај античките Македонци. Александар Донски наведува неколку од тие обичаи: „Како автентични древно-македонски обичаи се споменуваат: кршењето погача за време на свадбените ритуали, одделното седење на мажите и жените за време на веселбите, стрижењето на косата за време на жалост или несреќа, специчниот начин за избор на кралеви, специфичниот начин на судење, специфичниот начин на погребување и многу други“.[5] Исто така, античките Македонци имале обичај да го пијат виното чисто (акратос), односно тие не го мешале со вода.[6] Ова прашање го разработува и Донски кој вели: „Познатата американска историчарка д-р Синдија Сиднор Словиковски, потенцира дека пиењето на немешано вино од страна на Македонците бил македонски обичај, што го немало кај старите Грци. Во врска со ова таа пишува: Македонците… развиле и сопствени обичаи, какви што биле: носењето на каусија (посебен вид шапка со широк обод, з.м.), пиење на виното акратос, немешано, политичката монархија и институцијата на полигамија“.[7] Еден специфичен обичај во античка Македонија е тоа што сите Македонци, па дури и родилките, секогаш се миеле и се бањале со ладна вода.
Кај античките Македонци се среќава и прославувањето на празници. Празникот наречен „перитии“ се славел во четвртиот македонски месец што соодветствува на јануари. Исто така, Македонците го славеле и празникот „ксандики“ (или „ксантика“) „кога се спроведувало прочистување на македонската коњица, та оттаму би можело да се насети дека зад името Ксандос се крие македонскиот бог – заштитник на војската“.[8] Покрај овие, засведочен е и празникот „хетајридии“ кога македонските кралеви принесувале жртви.[9]
Нема гозба во лежечка положба ако не уловил диво животно во мрежа
Во врска со воените обичаи, Проева наведува дека античките Македонци не ја одбележувале победата со поставување на трофеј на бојното поле, а кај Македонците познат е обичајот на прочистување на војската со минување меѓу две половини на жртвувано куче. Исто така, кај античките Македонци во голема мера се почитувале војувањето и ловот. И во војувањето и во ловот среќаваме еден иницијациски обред чие објаснување го наоѓаме кај Проева: „Аристотел сведочи дека секој Македонец кој немал убиено непријател морал да носи некаков ремен, а ако не успеал да фати диво животно без мрежа, не можел да учествува на гозба во лежечка положба. Овој обичај на докажување со лов во најрано време го означувал минувањето од момчештво во машкост“.[10] Сведоштво за обичајот што го спомнува Аристотел во својата „Политика“ наоѓаме и кај нашиот културен деец од 19 век Ѓорѓија Пулевски во неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“. Пулевски пишува: „Заре ни еден МакÏедонец, кој немал убијен макар еден не приÔтелÏ, тики во това време тој никаков чест немал мегÏу макÏедонското населÏеније ем за не достојен се бројел мегÏу старите МакÏедонци“.[11]
Тесно поврзани со војувањето биле и античките македонски ора, односно танци. И овде се повикуваме на солидните истражувања на Проева: „Кај Хесихиј на двапати е запишан еден македонски танц: еднаш како karpea (при што некои стручњаци глосата ја поправаат во karpaia), а другпат како kapria или karpia. Позната е и суштината на овој танц: со миметичка игра, во ритам на свиралка, се прикажувало крадење волови“.[12] Познат е кај Македонците и воениот танц „телесија“ кој бил искористен како параван при убиството на македонскиот крал Александар II, а за ова зборува и Борза: „Можеби во пролетта 367 година, Александар (се мисли на Александар II – н.з.) бил убиен за време на фестивал којшто ја вклучувал изведбата на telesias, воен танц“.[13]
Религијата на античките Македонци, исто така, претставува автентичен и автохтон систем од верувања. Во наративните извори и во историските трудови многу често се споменува податокот за постоењето на специфични македонски богови. Куртиј Руф, на пример, пишува: „Зашто кога вујкото на невестата Атал, по долго пиење, рекол дека треба сега да се молат македонските богови од новата невеста да се роди законски наследник на Филипа, Александар, кој и инаку лесно се разгневувал, а тогаш поради навредата станал уште погневен, рекол: ’Злосторнику, зарем ти се чини дека јас сум копиле?‘“.[14] Улрих Вилкен, исто така, зборува за постоење на македонски богови: „Александар им приложи жртва на македонските богови според прадедовскиот ритуал и нареди да се одржи трка со факели и гимнастички натпреварувања“;[15] „Во спомен на неговото доаѓање до Хифас и за благодарност на боговите кои дотогаш победоносно го водеа, како и неговиот прадедо Херакле, кој ги изгради столбовите во далечниот Запад, Александар изгради дванаесет големи како кули олтари на брегот од реката… Всушност, тоа беа дванаесет богови на Македонија на кои им беа подигнати овие олтари“.[16]
Проблемот со дескрипцијата на македонскиот пантеон се состои во тоа што податоците за религијата на античките Македонци најчесто доаѓаат од хеленски извори. Општопозната е онаа постапка на Interpretatio Graeca, односно хеленско толкување од страна на хеленските автори на сè што е туѓо, односно нехеленско, па во тие рамки и на боговите. Овие автори не ги запишувале изворните имиња на туѓите народи, на нивните богови и обичаи, туку ги поврзувале нив со соодветните елементи од својата, односно од хеленската култура. Поради тоа, како што потенцира Проева, „и религијата на античките Македонци, како и сите други појави од македонската историја и култура, е облечена во хеленско руво“.[17]
Од друга страна, пак, дури и онаа митологија што светот ја познава како „старогрчка митологија“ воопшто не е автентична хеленска, туку е преземена од други народи. Еве како Донски го аргументира тоа: „Херодот и навистина пишува за елементите што Грците ги презеле од туѓите религиозни определби. Тој пишува дека и боговите и нивните имиња Грците ги презеле од Египќаните и долго време ги славеле. Во врска со ова Херодот пишува: Некои од овие богови (со исклучок на Нептун) верувам дека Грците ги презедоа од Пелазгите. За Нептун, пак, тие дознаа од Либијците кои отсекогаш го славеа“.[18] Но, ова не е став само на наши историчари. Истиот податок го наведува, на пример, и Џон Шеј: „Класичните и хеленските Грци држеле до тоа дека нивната сопствена религија води потекло од Египет, а Херодот укажал дека скоро сите имиња на божествата биле египетски“.[19] Мартин Бернал, исто така, се повикува на овој цитат од Херодот: „Самите Грци од класичниот и од хеленистичкиот период сметале дека нивната религија пристигнала од Египет, а Херодот дури и специфично кажал дека имињата на сите богови биле, со еден или два исклучоци, египетски“.[20]
Свет град на античките Македонци бил Дион
Како и да е, општопознат факт е дека свет град на античките Македонци бил Дион. Со оглед на тоа, воопшто не е случајно што македонскиот врховен бог го носи името Дион или Диос. Тоа е, всушност, македонскиот Ѕевс. Ако се земе предвид тоа дека името (Дион или Диос) е изведено од индоевропскиот корен со значење „ден, дневна светлина“, аргументира Проева, претпоставката дека македонскиот врховен бог се викал Дион или Диос станува мошне веродостојна.[21] Покрај ова, и тогаш кога за македонскиот врховен бог се употребува името Ѕевс, тоа е придружено со епитети коишто упатуваат на неговиот македонски карактер. Тие епитети се Hetaireios, Hyperberetas, Hyperairetos. Покрај врховниот бог, античките Македонци почитувале и многу други богови и божества. Тоа се, на пример, Атена Алкидемос, Дионис, Артемида Енодија, Котида, Бендида, Ѕејрена (Афродита), Големата Мајка Ма, божеството Беди, божеството Дарон, богот Херакле, Хелиј (Сонцето) и многу други. Во продолжение даваме кратки појаснувања за некои од боговите и божествата коишто биле почитувани во античка Македонија:[22] 1. Ѕевс (Зевс), врховен бог. Ѕевс има индоевропско потекло. Колку што е грчки, толку е и македонски;[23] Дион или Диос;[24] 2. Дионис (Бакхус), бог на виното;[25] 3. Херакле (херој, идеал на машката сила, храброст и доблест): „Богот Херакле во голема мера бил славен во Македонија речиси како бог со посебни македонски специфичности. Но, се знае дека тој бил славен и од преостанатите тогашни народи. Д-р Синдија Синдор Словиковски ја потенцира раширеноста на култот кон Херакле кај разни народи, при што пишува дека за овој бог постоеле македонски, грчки и азиски митови“;[26] Херакле бил родоначалник на Македонците и на македонската кралска куќа… Во времето на Александар III, тој бил нарекуван Пропатор, „Прататко“… Херакле во Македонија бил почитуван не како херој, туку како бог;[27] „Згора на ова, според Плутарх, за Еуклеја од некои се мислело дека била ќерка-девица на Херакле (македонскиот митски предок) и Мирто“.[28] 4. Данија, божица на земјата;[29] 5. Гига: македонска, домородна Атена,[30] божица заштитничка на уметноста и на вештината, божица на војната (кај Римјаните Минерва); 6. Зејрене (Ѕејрена), божица на љубовта и на убавината; македонска Афродита[31] (кај Римјаните Венера); 7. Ксандос (Xandos), македонски бог на војската;[32] 8. Големата Мајка Ма, божица со храм во Edessa (Воден);[33] 9. Дарон, македонско божество на кое му се молеле за болните;[34] бог на здравјето; 10. Дракон и Дракајна, македонски пар лечителни божества кои соодветствувале на хеленските Асклепиј и Хигиеја.[35]
Томе Бошевски и Аристотел Тентов тврдат дека „античките Македонци се нарекуваат деца на Деа, којашто и според современата наука е Божица Мајка кај Македонците“.[36] Врз основа на дешифрирањето на средниот текст на каменот од Розета (Ел-Рашид), Бошевски и Тентов доаѓаат до ваков заклучок: „Согласно истражувањата, во средниот текст можевме да ги прочитаме имињата, најверојатно, на сите богови на античките Македонци. За дел од боговите во состојба сме да ги определиме и нивните функции. Најкарактеристично е тоа што речиси сите имиња на боговите се едносложни. Нивните имиња и функции се следниве: Богот Ѕе е врховен бог, бог на летата и на светлината (сонцето); Богот Са е бог на градината и лозјата (садење); Богот Ве е бог на градителите (занаетите); Богот Во е бог на водите; Богот Ви; Богот Де; Богот Хо е бог на војната (хоплити = копјаници); Богот Џо; Богот Ли е бог на шумите (листокапни), на обновата; Богот ЛЧа е божица на светлосниот зрак; Богот Ка се среќава и кај Сумерите и има змиеста форма; Богот Змија“.[37]
[1] Христо Андоновски, Јужна Македонија од античките до денешните Македонци, цит. дело, стр. 16.
[2] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 132.
[3] Квинт Куртиј Руф, Историја на Александар Македонски, превод Љубинка Басотова, Патрија, Скопје, 1998, стр. 338.
[4] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 135.
[5] Александар Донски, Уделот на Македонците во светската цивилизација, цит. дело, стр. 16.
[6] Да се види за ова, на пример, во: Јуџин Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 57.
[7] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи), цит. дело, стр. 107.
[8] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 136-137.
[9] Исто, стр. 102.
[10] Исто, стр. 134-135. Аристотел, всушност, зборува за тоа дека Македонецот кој немал убиено непријател требало да носи “коњски огламник# (коњски оглав). Да се види: Aristotel, Politika, prijevod Tomislav Ladan, Globus, Zagreb, 1988, стр. 221.
[11] Ѓорѓија М. Пулевски, Славјанско-маќедонска општа историја, подготовка Блаже Ристовски, Билјана Ристовска≠Јосифовска, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2003, стр. 45.
[12] Исто, стр. 134.
[13] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 214.
[14] Квинт Куртиј Руф, Историја на Александар Македонски, цит. дело, стр. 34.
[15] Улрих Вилкен, Александар Македонски, цит. дело, стр. 174.
[16] Исто, стр. 218.
[17] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 100.
[18] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел ≠ фолклорни елементи), цит. дело, стр. 137.
[19] Џон Шеј, Македонија и Грција, Битката за дефинирање нова балканска нација, цит. дело, стр. 88.
[20] Мартин Бернал, Црна Атена: афроазиските корени на класичната цивилизација, Прв том: Фабрикувањето на античка Грција 1785-1985, цит. дело, стр. 68.
[21] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 103.
[22] Подетално за религијата на античките Македонци да се види: Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 98-138.
[23] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи), цит. дело, стр. 138.
[24] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 102.
[25] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи), цит. дело, стр. 108.
[26] Исто, стр. 152.
[27] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 117.
[28] Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп: појавата на Македон, цит. дело, стр. 216.
[29] Александар Донски, Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи), цит. дело, стр. 102.
[30] Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 159.
[31] Исто, стр. 162.
[32] Исто, стр. 167.
[33] Исто, стр. 267.
[34] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 116.
[35] Исто, стр. 118.
[36] Томе Бошевски, Аристотел Тентов, По трагите на писмото и на јазикот на античките Македонци, Македонска академија на науките и уметностите, Прилози, XXVI 2, Скопје, 2005, стр. 58.
[37] Исто, стр. 86.
(Подготвил: Д. Г.)