Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Независно од тоа кои биле автентичните имиња на македонските богови, факт е дека античките Македонци имале свои специфични богови различни од другите тогашни народи и своја религија, а тоа го потврдуваат и бројните култови кај Македонците. Проева вели дека „од култовите поврзани со обожување на природните сили, кај Македонците најраширен и најважен бил култот на Сонцето“.[1]
Кај Македонците, исто така, бил практикуван и култот кон водата: „Реките биле почитувани како божества и им се принесувале жртви, а на обичните луѓе им се давале имиња на обожени реки“.[2] Со култот кон водата допирни точки имаат и додолските обичаи во Македонија кои „биле поврзани со меѓусебниот однос помеѓу Зевс (како симбол на небото) и македонската божица на земјата Данија (како симбол на земјата, која бара дожд од небото). Името на Данија во Македонија е посведочено и како До(с), па најверојатно оттаму и произлегува името Додоле што го користеле Македонците од 19 и почетокот на 20 век (а секако и пред тоа) во песните за повикување дожд“.[3] Античките Македонци изградиле култови и кон одредени животни.
Така, тие верувале во гавранот како кобна птица: „Интересно е дека пред да влезе во Вавилон тој (Александар – н.з.) добил претскажување дека таму ќе му се случи нешто лошо. Ваквото кобно претскажување му го навестиле токму гавраните. Пред да влезе во Вавилон Александар видел јато гаврани како се тепаат во воздухот, при што некои од нив паднале мртви крај неговите нозе“.[4] Орелот кај античките Македонци бил симбол на победата: „Нема сомнение дека орелот бил почитуван како победоносна птица од страна на античките Македонци.
Преку нив, оваа почит стигнала и до Македонците од 19 и 20 век“.[5] Жабата, пак, имала магиска моќ: „Факт е дека жабата била почитувана од античките Македонци… Дури, за време на владеењето на македонскиот крал Александар Први, жабата била едно од најпретставуваните животни на кованите монети. Конкретно таа била претставена на тогашните октодрахми“.[6] Свое место во култовите имала и змијата: „Змијата во античко време е симбол на постојано раѓање и умирање, односно на реинкарнација, а со тоа и на бесмртност. Таа често се прикажува на македонскиот накит, но и на надгробните споменици, како симбол на хероизиран покојник“.[7]
Особено внимание се обрнувало на историјата
Науката и уметноста претставувале еден мошне важен, би се рекло суштински сегмент од античкото македонско општество. Како најдобра илустрација за тоа колку внимание обрнувале македонските кралеви на науката и на уметноста, може да послужи податокот дека во придружбата на Александар при македонскиот поход во Азија се наоѓале и бројни „учени луѓе: дипломати, филозофи, писатели, историчари, картографи и др., за да го овековечат неговиот подвиг кон Исток. Сите тие главно биле ученици на Аристотел… Во канцеларијата на Александар под раководството на Евмен бил воден и дневник, кој подоцна им послужил како материјал на многумина историчари од оваа епоха“.[1] Овде би требало да се приложи и податокот дека при враќањето од Инд кон запад, Александар организирал и една поморска експедиција покрај индискиот и персискиот брег на чело со Неарх која покрај практичниот (економски, трговски) имала и научен карактер.
Особено внимание во античка Македонија се обрнувало на историјата, односно на историографијата. Познати се имињата на голем број македонски историчари од античкиот период, но за жал од нив (како и од поетите, граматичарите, филозофите) речиси ништо не е зачувано. Меѓу попознатите македонски антички историчари се Марсија Периандров од Пела, полубрат на Антигон Едноокиот, и Марсија Критодемов од Филипи, кои напишале по едно историско дело со наслов „Македоника“. Историчар бил и Антипатар, високиот воен заповедник во војската на Филип II, а за време на македонскиот поход на Исток ќе остане во Македонија како регент. И Птоломеј I Сотер, исто така воен заповедник во војската на Александар, а подоцна и македонски крал во Египет, напишал историја за походот на македонската војска во Азија на чело со Александар. Познати се, се разбира, имињата на уште многу други историчари од античка Македонија.[2]
И на градежништвото, односно на архитектурата, му се придавало особено значење во античка Македонија. Податокот дека Александар изградил 77 градови доволно зборува самиот за себе. Свои специфичности, македонската архитектура покажува во градењето на кралските палати, гробниците, приватните домови и сл. На пример, кај македонските гробници постои свод кој не е карактеристичен за хеленската архитектура. Исто така, мозаиците во Македонија биле изработувани со конвексни камчиња, а не со рамни како кај Римјаните.[3] Меѓу македонските архитекти најпознат е Дајнократ кој го придружувал Александар во походот, односно бил дворски архитект на Александар.
Во античка Македонија, исто така, била развиена и ликовната уметност. Меѓу најпознатите сликари е Апелес кој бил личен сликар на Александар, односно „бил единствениот што имал право да го слика Александар“.[4] Вајарот Лисип, исто така, бил единствениот кој имал право да изработува бисти од Александар затоа што „умеел да ја направи видлива неговата храброст во бронза“.[5]
Во врска со литературата, односно со драмата и поезијата, како што наведува Проева, треба да се спомене Еврипид кој последните години од својот живот ги поминал на македонскиот двор во Пела каде што ги напишал делата „Бакхи“, „Ифигенија во Авлида“ и „Архелај“. Епитафот на надгробниот споменик на Еврипид го напишал македонскиот поет Адај кој живеел во 5 век пр. н.е. За жал, овој епитаф не е зачуван ниту, пак, некое дело од овој антички македонски поет.[6]
Ќе наведеме овде уште еден податок кој е мошне значаен за македонската античка култура. Имено, уште од времето на кралот Архелај (413 – 399 година пр. н.е.) во Македонија биле востановени, од страна на овој македонски крал, олимписки игри, „меѓу другото и затоа што Македонците немале право да учествуваат на хеленските олимписки игри“.[7] Овие македонски олимписки игри се одржувале во градот Дион, светиот град на античките Македонци.
Александар на македонски ги довикувал своите штитоносци
Јазикот на античките Македонци, односно неговото постоење е засведочено и во наративните извори. Колку за илустрација ќе наведеме два примера. Првиот пример го среќаваме кај Плутарх при опишувањето на немилиот настан со убиството на Клит: „Другите, пак, почнале да го смируваат Александар. Но тој не се соземал, туку скокнал на нозе и почнал на македонски да ги довикува своите штитоносци (што било знак за голема вознемиреност) и му наредил на трубачот да затруби“.[8] Вториот пример го преземаме од историјата на Куртиј Руф, а се однесува на судењето на Филота, синот на Парменион, пред Собранието на Македонците поради заговорот против кралот Александар: „Кога кралот го видел, му рекол: ’Сега тебе ќе ти судат Македонците; те прашувам, дали ќе им се обратиш на мајчиниот јазик?‘. Филота рекол: ’Освен Македонци, овде има многу присутни, за кои сметам дека полесно ќе го разберат она што ќе го кажам, ако зборувам со истиот јазик со којшто се служиш и ти, верувам, не поради нешто друго туку за да го разберат повеќемина твојот говор‘. Тогаш кралот рекол: ’Еве, гледате ли, дотаму ли дошол Филота, та да се гнаси од мајчиниот јазик? Имено, единствено тој презира дури и да го научи. Но, нека зборува како што сака, а вие спомнете си дека тој подеднакво се отуѓил и од нашите обичаи и од нашиот јазик‘. Тогаш го напуштил собирот“.[9] Се разбира, има бројни историски сведоштва за постоењето на засебен антички македонски јазик, но сметаме дека овие два примери се сосема доволни да го илустрираат тоа.[10]
Она што е зачувано од античкиот македонски јазик се познатите 130 глоси запишани од античкиот автор Хесихиј за што сведочи и Донски: „Постои значителен корпус од повеќе десетици зборови од јазикот на античките Македонци, кои се објавени на едно место. Се работи за Лексиконот на Хесихиј (Hesychius)… Во поглавието ’Зборови од народите‘… постои посебен наслов ΜΑΚΕΔΟΝΕΣ (МАКЕДОНСКИ). Во овој наслов по азбучен ред предадени се вкупно 130 зборови“.[11] Покрај ова, Проева тврди дека „во војската, според најновите сознанија, се користел македонскиот јазик, што е логично бидејќи фалангата составена од необразовани селани не можела да се служи со грчкиот јазик. Така, војниците во Бабилон се збогувале од Александар на македонски“.[12]
Од тие причини, никој од историчарите и не го оспорува постоењето на античкиот македонски јазик. Полемиките и несогласувањата настануваат во врска со прашањето за постоењето на посебно писмо кај античките Македонци. Проева смета дека античките Македонци немале посебно писмо и дека го користеле писмото на т.н. јазик коине (koine dialektos): „Така на пр. добро е познато дека ниеден народ во источниот Медитеран немал свое писмо и дека сите ја користеле грчката адаптација на феникиското писмо… Старогрчкиот јазик, koine, во државата на Александар Македонски бил службен јазик со цел да се олесни комуникацијата на народите што со векови пред тоа се служеле со тој јазик“.[13] Проева појаснува дека во империјата на Александар Македонски службен јазик бил т.н. koine но, според неа, тоа бил свесен чин на Александар направен поради политички и практични причини.[14]
Јазикот коине различен од стариот грчки јазик
За јазикот коине постојат повеќе мислење – дека тоа бил јазик кој постоел и пред Александар Македонски и кој бил јазик на дипломатијата на Балканот, но и пошироко во Азија, како и друга теза дека тој јазик бил создаден во времето на Александар: „…Коине (мешавина од различни јазици)… настанал како резултат на освојувањата на Александар Македонски на тогашниот познат свет. Коине… бил заеднички или универзален јазик на тоа време, еден вид есперанто, што се употребувал во конверзацијата, во комерцијалата и во пишувањето со векови пред и по првиот век по Христа… (Dr Charles Poter: “The Lost Years of Jesus Revealed; A Fawcett Gold Medal Book, Published by Ballantine Books, 1962, 1958, CBS Publications, стр. 40).[15]
Уште подециден е српскиот црковен историчар Веселиновиќ, кој во врска со карактерот на јазикот коине, уште во 1908 година, запишал:
’Јазикот коине треба да го разликуваме од стариот класичен грчки јазик. Тој бил создаден во времето на Александар Велики како заеднички јазик за сите народи во Македонското царство. Бил наречен и како: заеднички или александриски дијалект, бидејќи главно се развивал во Александрија. На тој јазик било преведено Светото Писмо во времето на Птолемеј Филаделф…‘ (С. М. Веселиновиќ, „Лекције из Светог Писма – Законске књиге Старог Завета“, Београд, Нова штампарија Давидовиќ, Дечанска 14, 1908, стр. 17-18)“.[16]
Идентична теза среќаваме и кај Антоније Шкокљев – Дончо и Славе Николовски – Катин: „Со ова почнува… периодот на Александровиот коине… Овој јазик… се проширил не само во Елада, туку и во целата негова империја. Во нови услови, тој се обогатил со јазични елементи од азиските и афричките народи, пред сè Персија и Египет, па станал меѓународен и јазик на дипломатијата“.[17]
Сосема поинаква теза приложија академик Томе Бошевски и професорот Аристотел Тентов во врска со писмото на античките Македонци. Тие тврдат дека средниот текст на каменот од Розета (Ел-Рашид) го претставува писмото на античките Македонци, односно нивната теза е дека античките Македонци имале свој јазик, но и свое писмо: „Писмото и јазикот на античките Македонци биле официјално писмо и јазик на Македонската империја, или, како што ги нарекува денешната наука ’писмо и јазик на кои се пишуваат законите и официјалните документи‘. Заблудата на денешната наука е во тоа што за осознавање на средниот текст на каменот од Розета го претпочита античко-египетскиот јазик (во расположливата литература наречен ново-египетски) и ареалот на Египет, а не античко-македонскиот јазик и ареалот на Балканот“.[18]
Сепак, ниту еден од застапниците на ваквите тези нема цврсти аргументи за докажување на своите тврдења. Со сигурност може да се тврди единствено дека прашањето за постоењето на посебно писмо кај античките Македонци останува и натаму отворено.
(Подготвил: Д. Г.)
[1] Историја на македонскиот народ, Том први, цит. дело, стр. 102.
[2] Подетално за ова да се види, на пример: Александар Донски, Јазикот на античките Македонци, Македонско литературно друштво “Григор Прличев# од Сиднеј, Штип, 2006, стр. 48-56.
[3] За ова и за македонската античка архитектура воопшто да се види во: Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 354-366.
[4] Наде Проева, Историја на Аргеадите, цит. дело, стр. 351.
[5] Исто, стр. 352.
[6] Исто, стр. 347.
[7] Исто, стр. 353.
[8] Плутарх, Александар Македонски, цит. дело, стр. 69-70.
[9] Квинт Куртиј Руф, Историја на Александар Македонски, цит. дело, стр. 272.
[10] За други извори да се погледне на пример: Александар Донски, Јазикот на античките Македонци, цит. дело, стр. 29-44.
[11] Исто, стр. 44 и 47. Александар Донски во истото дело конкретно ги наведува и македонските антички зборови што се запишани од Хесихиј. Да се види стр. 85-136.
[12] Наде Проева, Студии за античките Македонци, цит. дело, стр. 46-47.
[13] Исто, стр. 22. Веќе зборувавме погоре за неадекватноста на употребата на придавката “грчки# за времето на Александар Македонски.
[14] Исто, стр. 265.
[15] За јазикот “коине# да се види и: Милош Ѓуриќ, Историја хеленске књижевности, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1989, стр. 665-666.
[16] Цитирано според: Александар Донски, Јазикот на античките Македонци, цит. дело, стр. 36-37.
[17] Антоније Шкокљев ≠ Дончо, Славе Николовски ≠ Катин, Придонесот на Македонија во светската цивилизација, Македонска искра, Скопје, 2004, стр. 117-119.
[18] Томе Бошевски, Аристотел Тентов, По трагите на писмото и на јазикот на античките Македонци, Македонска академија на науките и уметностите, Прилози, XXVI 2, Скопје, 2005, стр. 90.