Партијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Ликуд, му порача на лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер, кој повика на избори во оваа земја, дека „Израел не е банана република“.
„Израел е независна и горда демократија што го избра премиерот Нетанјаху, тој не е банана република. Нетанјаху води решителна политика што ја поддржува мнозинството од народот“, наведе Ликуд, а објави „Тајмс оф Израел“.
Ликуд соопшти дека израелската јавност поддржува целосна победа над Хамас, отфрла какви било меѓународни диктати за создавање на, како што велат, „палестинска терористичка држава“ и се противи на враќањето на Палестинската самоуправа во Појасот Газа.
„Очекуваме сенаторот Шумер да ја почитува демократски избраната влада на Израел и да не ја поткопува. Така треба секогаш да биде, но уште повеќе во време на војна“, се додава во реакцијата на израелската владејачка партија.
Шумер претходно вчера кажа дека Израел мора да направи „значајни корекции на курсот“ за да постигне траен мир со Палестинците. Во својот говор во Сенатот лидерот на демократското мнозинство кажа дека владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху по 7 октомври „повеќе не ги задоволува потребите на Израел“.
Демократот Шумер, долгогодишен поддржувач на Израел и највисоко рангиран американски функционер кој е Евреин, исто така, кажа дека би било „сериозна грешка“ Израел да го отфрли решението за две држави и ги повика преговарачите во конфликтот меѓу Израел и Газа да направат се што е можно за да се обезбеди прекин на огнот, да се ослободат заложниците и да се испрати помош во Газа.
фото:МИА архива