Каталонската полиција уапси 50 лица во провинцијата Барселона под сомнение дека учествувале во криминална група која остварила повеќе од 3,2 милиони евра приходи со организирање илегален влез на пакистански државјани во Шпанија и со овозможување незаконско регулирање на нивниот престој, објави шпанската радио-телевизија РТВЕ.

Меѓу уапсените се 43 претприемачи кои, според полицијата, соработувале со криминалната група обезбедувајќи фиктивни договори за работа, додека седум лица се осомничени дека биле директни членови на организацијата.

Како што соопшти каталонската полиција Мосос д’Ескуадра (Mossos d’Esquadra), криминалната група пронаоѓала пакистански државјани заинтересирани за добивање работни дозволи и дозволи за престој во Шпанија, на кои им наплаќала и до 30.000 евра за организирање на нивното доаѓање и за обезбедување на потребната документација. На лицата кои веќе престојувале во Шпанија, а сакале да го регулираат својот статус, групата им нудела фиктивни договори за работа, за што наплаќала до 8.000 евра.

Истрагата утврди дека организацијата од март 2022 до јули 2023 година поднела вкупно 224 барања за вработување странски државјани во Шпанија од нивните матични земји, од кои 108 биле позитивно решени. Само врз основа на овие одобрени барања криминалната група остварила приходи поголеми од 3,2 милиони евра, без тука да бидат пресметани парите наплатени за одбиените барања и за постапките за регулирање на престојот на лицата кои веќе се наоѓале во Шпанија.

Според резултатите од истрагата, организацијата имала стабилна и хиерархиска структура од 2019 година, со јасно распределени задачи, а дејствувала од Каталонија, со соработници во Пакистан. Членовите на групата посредувале меѓу заинтересираните мигранти и претприемачите кои ги ставале на располагање своите компании како формални работодавачи, овозможувајќи издавање лажна документација.

Полицијата во текот на истрагата идентификуваше вкупно 12 членови на криминалната мрежа и 62 претприемачи поврзани со нејзините активности во секторите за трговија со храна, угостителство, градежништво, занаетчиски работи и металопреработувачка индустрија.

Истражителите утврдија и дека некои мигранти, по добивањето работни дозволи, работеле во тешки и експлоататорски услови, додека во други случаи работните односи постоеле само формално или биле прекинувани набргу по издавањето на потребните документи.

Апсењата беа спроведени во две фази, а за тројца од седумте уапсени членови на криминалната организација судот веќе одреди притвор.

фото: архива