„Колку малку зборови ни се потребни! Кога сум со тебе, толку малку мислам на себеси, па често се прашувам дали ти сфаќаш што значи тоа. Сакам да те наречам така како што во срцето те нарекувам. А, што ме спречува, ако не тоа дека ниеден збор не е доволно нежен за да биде твое име – ќе и напише Џојс на Нора Барнакл на 26 септември 1904 година. Следната година таа веќе му е сопруга и набрзо потоа го раѓа нивниот син Џорџ. Две години подоцна, во 1907 година, им се раѓа и ќерката Лучија Ана. Иако љубовта е крунисана со брак и деца, писмата што ќе си ги испраќаат и натаму ќе бидат полни со страст и еротика. Долги години потоа Џејмс и Нора и низ  писмата “ќе ги задоволуваат своите телесни потреби”. Тој има 25, таа 23 години, а веќе имаат две деца.

Симпатичната Нора Барнакл, родена на 2 март 1884 година, е ќерка на Томас, пекар, и на Ени Барнакл, двајцата од Голвеј Сити. Со неполни дваесет години, по недоразбирање со родителите, таа заминува од дома и доаѓа во Даблин, каде што набрзо се вработува како собарка во хотел на улицата Ленстер. Неуспешниот студент по медицина Xејмс Xојс ја запознава неколку недели подоцна и веднаш и закажува состанок за 14 јуни 1904 година. Срамежливата провинцијалка не се појавува во закажаното време на закажаното место. Следниот ден Џојс и закажува нов состанок, но овојпат со писмо. Првото нивно заедничко излегување се случило на 16 јуни. Тој ден, односно тој датум, подоцна ќе биде овековечен како ден и датум во кој се случува комплетното дејство на романот “Улис”. Пред да се случи таа нивна прва љубовна средба, Џојс го испраќа ова писмо до Нора:

„Можеби сум слеп. Долго посматрав нечија костенлива коса и заклучив дека таа веројатно не била твоја. Отидов дома сосема столчен. Би сакал да ти закажам состанок, но тоа тебе можеби не би ти одговарало. Се надевам дека ќе бидеш така добра да се состанеш со мене – ако не си ме заборавила.”

Нора и Џејмс на денот на нивната венчавка во 1931

На 16 јуни 1904 година дваесетгодишната Нора, собарка во еден хотел во Даблин, и две години постариот пропаднат студент Џејмс Џојс ја започнуваат својата љубовна  приказна што ќе трае точно триесет и седум години, односно до смртта на авторот на “Улис” во 1941 година.

Неговата вечна љубов, Нора Барнакл – Џојс, последните десет години од својот живот ќе ги преживее сама. Во 1957 година, шест години по нејзината смрт, ќе бидат објавени дел од писмата на Џојс до неа. Од вкупно 64 писма, десет биле под делумно ембарго, а за две објавувањето било целосно забрането. Дури во 1975 година било дозволено да се објави целокупната преписка на Џојс со неговата сопруга и Љубовница Нора, вклучувајќи ги и забранетите писма од 1909 година.

Со она прво писмо од оној судбоносен 16 јуни 1904 година, всушност започнува една чудна и интересна љубовна приказна на еден од најголемите писатели на 20-от век. Таа дата е и датата во која се случува “Улис”. Оттука почнува преплетувањето на животот и уметноста, но и обратно. Средбата со Нора е алката што ги обединува. Токму затоа во 1924 година, на пример, испраќајќи и го четвртото издание на “Улис”, Џојс ќе и напише:

”Драга Нора, изданието што го имаш в раце е полно со печатарски грешки. Те молам , прочитај го и такво. Ги одвоив страниците. Списокот на грешки е на крајот.”

Ова писмо е сведоштво за тоа дека Џојс на својата сопруга-љубовница и пружа увид во делото кое почнува со нивната љубов.

Дваесет години пред тоа, на 29 август 1904 година, значи само два месеца откако, што би се рекло, почнале да се забавуваат, Џојс ќе напише:

”Можеби вечерва ти нанесов болка со она што го реков, но зарем не е добро да го знаеш моето мислење. Мојот ум го отфрла сиот општествен  поредок и христијанството – домот, признатите квалитети, општествените класи и религиозните доктрини. Мојот дом беше еден средносталешки дом кој го упропастија расипничките навики кои и јас ги наследив. Мислам дека мајка ми полека ја отера в гроб малтретирањето на татко ми, долгогодишните проблеми, но и мојата цинична отвореност во разговорите со неа. Пред шест години ја напуштив католичката црква, мразејќи ја од дното на душата. Сега против неа водам отворена војна со она што го пишувам, говорам и правам. Трипати ги почнував студиите по медицина, еднаш по право и еднаш по музика. Пред една недела се обидов да заминам од овде како патувачки актер, но и во тоа не успеав. Верувај, не ми е лесно да легнам, сеќавајќи се на страдањето во твојот глас. Знај дека ниту едно човечко суштество никогаш не било толку блиску до мојата душа како ти”.

Набрзо потоа, Џејмс и Нора стапуваат во брак и  набрзо стануваат родители. Нора останува со синот Џорџ во Ирска, а Џојс се обидува да најде “подобро место за живеење и работење”. Каде и да престојува, писмата редовно стигнуваат во рацете на Нора. На 22 август 1909 година таа ќе го прочита и ова:

”Има едно писмо кое не се осмелувам прв да го напишам, а сепак секој ден се надевам дека можеби ти ќе ми го напишеш мене. Писмо само за моите очи.

Украси го своето тело, најдрага. Биди убава, среќна , нежна и предизвикувачка; полна со спомени и копнеж кога ќе се сретнеме. Се сеќаваш ли на оние три придавки, кои ги употребив во “Мртвите”, говорејќи за твоето тело. Еве ги, најдрага – музикално, таинствено и намирисано.“

Нора го читала писмото и му враќала “опис” на своето тело. Тогаш тој се возбудувал и возвраќал со писмата кои долго, дури и по смртта на Нора во 1951 година, биле забранети за печатење. Се разбира, меѓу нив имало и нежни, поетски записи за љубовта. На 31 август 1909 година, тој ќе напише:

”Можеби во уметноста ќе ја пронајдеме утехата за нашата љубов. Би сакал да бидеш опкружена со се што е добро, убаво и возвишено во уметноста. Ти не си- како што велиш – сирота, необразована девојка. Ти си мојата невеста. Душо, и сите задоволства и уживање кои би можел да ти ги пружам во животот, сакам да ти ги пружам. Драга Нора, нека нашата љубов остане засекогаш таква каква што е сега. Нашите деца, колку и да ги сакаме, не смеат да се пречка меѓу нас. Се сретнавме и ги соединивме нашите тела и души слободно и возвишено, а нашите деца се плод на нашите тела”.

Во истото писмо, кое, се разбира, не е меѓу забранетите, Џојс ќе го напише и ова:

”Како би сакал да те изненадам сега додека спиеш! Има едно место каде што би сакал да те бакнам, едно необично место, Нора! Не се усните, Нора. Знаеш ли каде? Лека ноќ, љубена!”

И во писмата што и ги пишувал, но и во животот, воопшто, Џојс бил исклучително отворен и искрен човек. Тој, на пример, без да се труди  нешто да сокрие, ќе признае дека имал кратка идила, на пример, со Марта Флајшман, но ќе и напише на Нора на  први ноември 1909 година и дека добил некаква инфекција од некоја проститутка:

”Убаво е од тебе што се распрашуваш за онаа проклетија што ме снајде. Во секој случај, не оди на полошо. Во почетокот ме плашеше твоето молчење. Сирота, мала Нора, колку сум лош со тебе!”

Седумнаесет дена подоцна Нора ќе прими ново писмо од него со печат од Трст. Во него, меѓудругото, Џојс ќе напише:

„Го изгубив твоето почитување; ја исцрпев твојата љубов. Напушти ме, тогаш! Одведи ги своите деца од мене за да ги заштитиш од проклетството на моето присуство. Остави ме повторно да потонам во тињата од која излегов. Заборави ме мене и моите празни  зборови. Врати се во својот живот, а мене пушти ме во пропаст. Ти не заслужуваш да живееш со ѕвер како мене; не дозволувај моите раце да ги допираат твоите деца. Ако ме оставиш, ќе живеам со вечниот спомен за тебе, спомен што за мене е посвет од Бога.”

Се разбира, Нора му простила, како многупати пред тоа и потоа, иако му испратила неколку писма во кои употребила многу “непристојни зборови”. На тие писма, во декември 1909 година, Џојс одговара со десет писма, кои, овде, од разбирливи причини, не би можеле да ги објавиме во целост. Неговото писмо од 3 декември 1909 година, би можело да се рече дека е пристојно во однос на оние што следуваат по него.

„Како што знаеш, најдрага, јас никогаш не употребувам непристојни изрази. Никогаш не си чула, нели, да кажам некој недоличен збор. Кога овде луѓето кажуваат валкани приказни, јас одвај и да се насмеам. Но, ти, расипана бесрамнице, ти почна прва; твоите усни први изговорија непристоен збор. Добро се сеќавам на ноќта во Пула…“

Една недела подоцна и јавува дека нема ни бедна банкнота од пет лири, но и ветува дека ќе и прати до понеделник. Таа 1909 година ќе ја заврши со уште две кратки писма. Првото е од 16 декември и во него, меѓудругото, пишува: ”Слатко мое девојче, најпосле добив писмо од тебе! Мора жестоко да си мастурбирала, штом си напишала вакво откачено писмо.”

Во второто и го честита Божик и додава:

”Кажи им на Џорџ и на Лучија Ана редовно да си го бришат носот – наскоро доаѓам!“

Според истражувачите на делото и животот на Џојс, тој во своите писма, всушност ги полни испразнетите зборови со паганска снага на еросот. Продолжувањето на сопствените чувства преку писма, за него не е само начин за комуникација, туку и модус на еротско уживање. Љубовните чувства на тој начин стануваат ритуал на егзистенцијална взаемност. Проткаени со еротика, писмата на Џојс придонесуваат за халуцинантно задоволување на неговите телесни потреби. Барајќи од Нора да биде апсолутен господар на своето тело и душа, тој истовремено копнее по него, по тоа свето и таинствено тело, скриени зад пердето на срамот. Се разбира, на таквите писма од Џојс им претходат писмата на Нора; тие се повод за реакција на писателот. Неговите писма до Нора, која му е сопруга, се полни со егзотични парчиња, кои претставуваат фантастични литерарни блесоци.

Во 1912 година, Џојс ќе испрати писмо до Нора со кое ја поканува на претстава од Јејтс во театарот Абеј. Притоа ќе го напише е следново:

”Јас сум еден од писателите на оваа генерација која може најпосле да создаде свест во душата на оваа проклета раса…”

Нора Барнакл-Џојс умира во 1951 година, десет години по Џојс. Благодарејќи на писмата што останале, нивната љубов од почетокот на минатиот век продолжува и во овој век. Заедно со “Камерна музика”, “Даблинмци”, ”Портретот на уметникот во младоста”, ”Финугановото будење” и, се разбира, “Улис”, романот од 700 страници кој се случува во еден единствен ден-16 јуни, денот кога започнала и љубовната приказна на Xојс и Нора. Ништо не е случајно.

Блаже Миневски