Петти ден од официјалната кампања. Но што досега ја обележа? Дали слабата посетеност на владините митинзи, силната дипломатската офанзива на високи гости или неколкуте црни бисери на премиерот? Како и да е, дискурсот на провладината кампања за сега е едноличен и непрепознатлив. Најчесто употребени термини во кампањата, пак, остануваат ЕУ и НАТО, а од Северна Македонија, новото име на земјата, нема ниту збор.
Познавачите на состојбите се поделени околу кампањскиот вокабулар. За новинарот и аналитичар Цветин Чилиманов, едностраната скапа кампања е преполна со лаги и најнизок дискурс, наспроти неформалната, искрена, чесна и модерна антикампања за Бојкот која без никакви средства се води на социјалните мрежи. Професорот и поранешен амбасадор Алајдин Демири, пак, со сосема спротивен мониторинг. За него, оние кои се против воделе ниска, цинична и провокативна кампања, наспроти владината кампања која, за Демири, е европска и јасна.
„Од Амбди Бајрам до Зоран Заев видовме дека тука нема некоја голема разлика во начинот на размсилување, зборување и изразување. Брутална, вулгарна и примитивна кампања е се што видовм е до сега. Пораката е корумпирана, измамничка и манипулативна,а таква е и кампањата, скапо платена со „тешкаши“ кои секојдневно ни доаѓаат и со провидни лаги кои мислат дека ако сто пати ги кажат, народот ќе ги проголта“ – вели новинарот Цветин Чилиманов.
„Оваа власт која е „ЗА“ на Референдумот има софистициран речник и софистицирана кампања, во оној смисол што тие веќе се замислиле во ЕУ и разговараат како големи Европјани, сметаат дека така ќе го придобијат гласот на народот, ова е нереална слика“ – посочува проф. д-р Алјадин Демири.
Чилиманов и Демири поделени и во толкувањето на природата на лапсузите и испадите на премиерот Заев во кампањата. За Чилиманов, „камшикот“ е природен израз на тоа како Заев ја разбира ЕУ, а за Демири проблемот е што премиерот е емотивен политичар, кој честопати го губи патот и го надвладуваат емоциите.
„Тој навистина го разбира тој однос како потчинетост, не како партнерски однос на една суверена, самостојна држава која станува партер во ЕУ и НАТО, туку како локален губернатор на ЕУ и НАТО, кои ќе не камшикуваат нас, а тие ќе го камшикуваат него кога тој ќе згреши“ – вели Чилиманов.
„Во неговите емотивни упади, веројатно има улога тоа што тој се плаши, си вели – ’Многу ги има овие другите, како ќе ги победиме’ итн. и тогаш излегува на виделина неговиот мрачен дел – закани, казнување и што ти знам, кражби“ – цени Демири.
И неспомнувањето на Северна Македонија, новото име на државата, кое не случајно го нема ниту во рефрендумското прашање се толкува различно од двајцата. Демири вели дека тука нема никаква намера, туку само баласт и грижа на совест на Владата. За Чилиманов, ова е дел од манипулаторската владина стратегија.
„Таа грижа на совест и стравот дека може да не се оствари Референдумот, ги спречува да го употребат овој термин и мислам дека се’ уште не се навикнати, треба време за да тоа дојде“ цени Демири.
„Вака тие се обидуваат да ни ја протнат „Северна“, без да ја спомнат на ниту еден билборд, со ниту еден збор во кампањата, апсолутно, се обидуваат да го излажат гласачот“ вели Чилиманов.
До сега мина само една четвртина од кампањата. Ако „по утрото денот се познава“, единствено што е јасно е дека не очекуваат уште 14 денови полни со нови странски државници и притисоци. Познавачите, очекуваат приближувањето на денот „Д“ и Референдумот, да го заостри и дополнително вулгаризира и онака нискиот дискурс на кампањата.