Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски вели дека 16 часа дневно работи за граѓаните и за државата и има право три дена одмор да ѝ посвети на сопругата. Николовски, кој денеска со премиерот Зоран Заев беше во посета на велешки „Брако“, рече дека гледано од оваа временска дистанца, направил грешка што го избрал Дубаи за одмор.
„Љупчо Николовски, како било кој друг граѓанин има право на одмор законски како што го следува и тоа што ми следува законски нема да дозволам никој да ми го попречи. Три дена одмор на 16 часа работа за граѓаните и за државата, чесно, искрено и одговорно, имам право да ги посветам на сопругата. Можеби контекстот, од оваа временска дистанца е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи. Но, Љупчо Николовски ниту се вакцинирал, ниту правел бизнис, туку се бори против криминалот. Свесен сум дека вакви удари ќе има, но нема да ме поколебаат“, кажа Николовски во Велес.