Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави денеска за време на неговата посета на Киев дека САД ќе испратат нов пакет воена помош за Украина во износ од 400 милиони долари (368 милиони евра).

Остин во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека пакетот вклучува дополнителна муниција, оклопни возила и противтенковско оружје, пренесе Ројтерс.

Американскиот секретар за одбрана пристигна во работна посета на Украина по серијата средби што американскиот претседател Џо Бајден ги имаше во Берлин со клучните европски партнери, изјави денеска началникот на кабинетот на украинскиот претседател Серхи Лешченко.

„Претходно, од безбедносни причини никој не најавуваше однапред кој доаѓа во Киев додека гостинот не ја напушти Украина, но сега има нова практика бидејќи ситуацијата се менува на подобро“, изјави Лешченко, пренесе агенцијата „Униан“.

Лешченко истакна дека посетата на Остин е веројатно последна посета на член на американската влада на Украина пред претседателските избори во САД.

Според него, по берлинските средби на американскиот претседател Бајден со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, има потреба од „усогласување на позициите“.