Најголем дел од учесниците на локалните избори, политички партии и независни кандидати го чекаат последниот ден да ги поднесат своите кандидатури за локалните избори на 17 октомври. Кандидатурите се поднесуваат до Општинските изборни комисии (ОИК) до денеска на полноќ. ОИК ќе имаат свои тимови кои ќе дежураат до завршувањегто на рокот за да овозможат кандидатурите да бидат поднесени.
Општинските изборни комисии ќе ги разгледуваат канндидатурите и доколку ги исполуваат условите ги прифаќаат или има даваат соодветен рок на подносителите да ги исправат недоследностите. Откако ќе бидат прифатени, односно најдоцна до 18 септември, ОИК ги доставува листите до ДИК за да биде извршено жребување за нивен редослед (најдоцна до 23 септември). Кандидатите за градоначалник и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. Потоа листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на Избирачките одбори.
Овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи за локалните избори, најдоцна до 23 септември на централно ниво ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Потпишувањето на Кодексот е организирано од Државната изборна комисија во соработка со Националниот демократски институт.
Како што информираше членот на ДИК, Борис Кондарко, бидејќи станува збор за локални избори, потпишувањето и промоција на овој кодекс ќе се одвива на две нивоа. Едното ниво ќе е директно организирано од ДИК преку нивните општински изборни комисии.
Кондарко напомена дека ново е тоа што во текстот на кодексот ќе додадат дека се обврзуваат сите учесници кандидати да се воздржат од користење и на говор на омраза и било каква дискриминација по кој било основ посебно на пол и род.
– Сметаме дека со овој кодекс, ние како ДИК покрај законската обврска повикуваме, апелираме на овој начин покрај дневната политика што е неизбежна во секоја изборна кампања, сепак основните вредности на демократијата, владеење на правото од фер и демократското и коректно однесување на сите учесници во изборниот процес, бидејќи и самите учесници покрај организацијата на изборите од наша страна, изборните органи, даваат свој белег на сликата за изборите со начинот на нивното однесување и типот на водење на нивната капања, додаде тој.
На 9 септември на полноќ заврши увидот во Избирачкиот список за локалните избори. ДИК соопшти дека вкупно 14.921 лица извршиле увид во Избирачкиот список до завршување на рокот.
– Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, вкупно 14.921 лица се провериле во избирачкиот список, поднесени се вкупно 281 барања за запишување во избирачкиот список, 99 барање за бришење на податоците од избирачкиот список и 74 барања за измена на податоците во избирачкиот список, се вели во соопштението од ДИК. До Комисијата, исто така, на е-маил адресата upisis@sec.mk се поднесени вкупно 114 барања.
Политичките партии поради деновите на жалост по пожарот во тетовската Ковид болница каде загинаа 14 лица до утре ги одложија јавните активности поврзани со локалните избори.
Сепак, некои од нив ги објавија и последните имиња за кандидати за градоначалници пред рокот за поднесување кандидатури до ОИК.
Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ. Локалните избори ќе се одржуваат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.