Проекти за повеќе можности за напредок на младите, бесплатни оброци за учениците, стипендии за најдобрите, вложувања во екологијата и решавање на сообраќајниот метеж, ветија кандидатите за градоначалници на синоќешните митинзи. Лидерите на партиите се осврнаа и на актуелната ситуација во земјава, повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат на 17 октомври.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев на митингот во Струга рече дека актуелната власт вложува во сигурни и реално остварливи проекти, додека опозицијата нуди конфузни најави за некакви проекти, кои се неизвесни.
– Покажавме на дело што значи да се работи со јасна идеја и јасен план за развојот на секој град, за секое село, за цела држава. Колку чекори напред сме отишле во развојот на државата и на општините, а од доброто и подоброто следува Најдоброто, покажува тоа што денес никој не зборува за молк – бидејќи е слобода, никој не зборува за режим – бидејќи е демократија. Никој не зборува за отпуштања од работа – бидејќи, дури и во време на пандемија, ние покачуваме плати и отвораме нови работни места. Имаме историски најниска невработеност од независноста на Македонија, рече Заев.
На митинзите во Струга и Дебар порача дека мора да се негува соживотот, да се почитуваме и да не дозволиме никој да не дели заради политички цели.
– Меѓуетничкиот соживот е наше богатство, голема придобивка, реткост која можеме да ја употребиме или злоупотребиме. Во последните четири години ние тоа го употребуваме. Ние сме доказ дека нема потреба од етнички граници во регионот, Европа и светот. Имаме едно мултифункционално, мултиетничко и мулти религиско општество, кое е големо наше богатство. Струга била пример за тоа и мора да продолжи да води, нагласи Заев на митингот во Струга.
За Охрид, кој е под заштита на УНЕСКО, најави одржливо управување со културното наследство согласно препораките на УНЕСКО.
Пораки за создавање на нова иднина и отворање на можности за сите граѓани најави ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Христијан Мицковски од Прилеп рече дека ќе треба да се поправат многу работи кои изминатите четири години биле погрешни.
По локалните избори, како што рече, очекува ново парламентарно мнозинство и решавање на проблемите, меѓу кои и енергетската криза.
– Да се радуваме со проекти кои ќе значат решенија за обичниот човек, нови улици, училишта, спортски сали, канализации, водоводи, повеќе економска сигурност за сите, рече Мицкоски на митингот во Велес.
Пред велешани рече дека политичарите треба да се луѓе со доблест, чест, подготвени да водат и да се борат за сопствениот народ. За неговиот политички опонент, лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека од него не може да се очекува дека ќе ја внесе земјата во Европската унија.
– Секој октомври ни вели ноември ќе биде, а во ноември дека ќе биде декември и така 52 месеца или години по ред затоа што реалноста е дека со Заев нема ЕУ и од овој човек ништо не можете да очекувате, никакви резултати, рече Мицкоски.
Демократската унија за интеграција ја презентираше зелената агенда пред жителите на Сарај каде лидерот на партијата Али Ахмети кој порача дека се работи за агенда на времето.
– Оваа земја мора да се изгради и ова е земјата што ќе ја оставиме како наследство на нашите потомци, но напредна и достоинствена и јас сум многу сигурен дека како што ја направивме членка на НАТО, така наскоро ќе се направиме и членка на Европската унија, рече Ахмети.
Од „Беса“ ветија враќање на довербата на граѓаните во општината и соработка помеѓу градоначалникот и советот на општината.
– На прво место треба да ја вратиме вербата на граѓаните во општината. Кој ја чувствува општината како дом, тој знае. Ветуваме дека ќе има соработка помеѓу градоначалникот и советот. Без да сакаме на овие избори ни се наметнаа неколку теми кои треба да ги говориме во овој изборен процес. Во 21-ви век се уште треба да говориме за проблеми со канализацијата, снабдување со вода, елементарна инфраструктура. Ветуваме дека со нас ќе има се и веќе нема да се дискутира за овие теми, изјави лидерот на Беса, Билал Касами на митингот во Боговиње.
За лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, овие избори се многу важни бидејќи општините се прва врата на која се обраќаат граѓаните кон институциите за секакви потреби.
– Треба да се гласа за промени, бидејќи промената сама по себе носи повеќе демократија, тоа значи повеќе слобода и одговорност на тие што владееле досега, бидејќи за жал, ние живееме во држава каде одговорноста се гледа откога ќе се замине во опозиција, а би требало да одговараат носителите на јавни функции кога се во позиција. За жал, тоа е нашиот правен систем, рече Села на предизборниот митинг во Куманово.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ Петре Шилегов вети најдолг дрворед во Скопје, долж Кејот на Вардар кој ќе има околу 2500 дрвја, а независната кандидатка Данела Арсовска најави формирање на Еколошки зелен совет кој ќе биде формиран од експерти, а ќе се грижи за стратешкото планирање на Скопје. Независната кандадатка од „Зелен хуман град“ Ана Петровска најави воспоставување на ред во изградбата на згради во Пржино.
На една недела до изборите партиите и кандидатите за градоначалници денеска ги продолжуваат предизборните активности. Коалицијата предводена од СДСМ ќе биде во Дебрца, Македонски Брод, Долнени, Прилеп и Крушево, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посети Василево, Босилово и Ново Село. Партијата „Левица“ ќе одржи митинг во скопската општина Аеродром, ЛДП и ДОМ во Шуто Оризари и Петровец, а „Твоја партија“ ќе одржи средби со граѓани во Скопје. Демократската унија за интеграција ќе одржи предизборни митинзи во Липково и во Куманово, а БЕСА во Брвеница, Голема Речица.
На полноќ заврши и рокот за пријавување за гласање на болните и немоќните лица, додека рокот за лицата со Ковид -19 или во самоизолација е до утре на полноќ. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица ќе гласаат ден пред изборите односно во сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, за нив нема да се користат уредите за биометриска идентификација, туку спреј и УВ ламба.