На локалните избори во Албанија закажани за 30 јуни, во дури 35 од вкупно 61 општина, во трката за градоначалник се наоѓа само по еден кандидат и тоа од владејачката изборна коалиција Алијаса за европска Албанија, предводена од Социјалистичка партија на албанскиот премиер Еди Рама.
Коалицијата со свои кандидати учествува во сите општини.
Во останатите 26 општини во трката за градоначалник покрај оние од владејачката коалиција, се и кандидати од неодамна регистрираната партија Демократско убедување (17), седум независни кандидати и по еден на коалицијата Надеж за промени, на партијата на Македонците – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на грчката партија Мега, на Комунистичката, Конзервативната и на партијата Нов демократски дух.
МАЕИ на овие избори со свој кандидат и листа за советници учествува во Пустец. Во трката за градоначалник во оваа општина силите ќе ги одмерат двајца Македонци, Едмонд Темелко од МАЕИ, кој ќе се бори за четврт мандат и Пали Колевски од Социјалистичката партија.
Обединетата албанска опозиција ги бојкотира изборите и дури се закани дека ќе ги спречи нив. Таа бара оставка од премиерот Еди Рама и формирање преодна Влада која би спровела слободни и фер избори.
Централната изборна комисија продолжува со активностите и веќе изврши жребување за распоредот на кандидатите на гласачкото ливче.