Емануел Макрон во средата беше обвинет дека ја држи С. Македонија како заложник за насила да го протурка својот сон за поблиска политичка интеграција меѓу земјите на Европската унија, пишува лондонски Телеграф.

Францускиот претседател, кој самиот себеси се опишува како жесток еврофил, беше обвинет дека ги блокира преговорите меѓу Брисел и Скопје за членство на Македонија во ЕУ.

Брисел го користи членството во ЕУ за да ја убеди Македонија да прифати контроверзни и широки реформи, вклучувајќи и промена на името на земјата за да се стави крај на деценискиот горчлив спор со Грција.

– Ова е шлаканица во лицето на С. Македонија, која направи се како што треба, рече еден извор од ЕУ.

Во јануари, Парламентот на С. Македонија гласаше за промена на името на земјата од Поранешна Југословенска Република Македонија. Како резултат на тоа, Грција, која има свој регион наречен Македонија, го повлече своето противење за аспирациите на Скопје за приклучување во ЕУ и НАТО.

Европската комисија беше бесна откако министрите за надворешни работи и европски прашања ја одложија одлуката за отворање пристапни разговори со С. Македонија и Албанија на состанокот во Луксембург во вторникот. Двапати препорача да почнат разговори за пристапување.

Владите на ЕУ претходно сигнализираа дека разговорите ќе почнат во јуни, што беше широко сфатено како ветување за покренување на ова прашање, откако ќе завршат европските избори во мај.

Дипломатите на ЕУ велат дека уште една причина за одложувањето на донесувањето на одлуката беше дека на германскиот Парламент му треба повеќе време да ја поддржи одлуката за отворање преговори. Се очекува Бундестагот да го поддржи овој потег, велат дипломатите.

„Вистинскиот проблем се чини дека е Франција“, рече еден извор. „Нивната линија е нема повеќе проширување, освен ако прво нема ЕУ реформи. Таа ги држи С. Македонија и Албанија како заложници“.

„Ние ризикуваме воопшто да немаме веродостоен процес“, рече во вторникот еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. „Неодлучноста и неактивноста не се опција“.

Макрон побара заеднички буџет за еврозоната и министер за финансии за сите земји со единствената валута, меѓу другите мерки како што се „транснационални европратеници“, кои ќе ја претставуваат ЕУ, а не нивната матична земја.

Портпаролот на француската Влада рече: „Како посочи претседателот на Републиката во неколку наврати, процесот на проширување мора прво да го земе предвид приоритетот за продлабочување на Европската унија и да се види дека нејзиното функционирање е подобрено“.

„Процесот на проширување се базира на неопходни критериуми и заслугите на кандидатите, без претходно утврдена временска рамка“.

Дури и ако се отворат преговори, ќе поминат многу години пред С. Македонија да и се приклучи на ЕУ, која размислува проширувањето да опфати неколку земји од Западен Балкан, меѓу кои Србија и Црна Гора.

Проширувањето го поддржува Велика Британија, која во членството во ЕУ гледа како на начин за гарантирање на стабилноста во регионот, борба против организираниот криминал и борба против руското влијание во Западен Балкан.

Србија одамна одби да ја признае независноста на Косово, уште еден потенцијален кандидат за членство во ЕУ.

„Како можеме да очекуваме Србија некогаш да направи компромис за Косово ако С. Македонија не добие ништо за возврат што го реши историскиот спор ?”, рече еден извор од ЕУ.

На Макрон,  кој е во Брисел за самит, му одговара да заземе цврста линија против проширувањето на ЕУ поради предизвикот на анти-миграцискиот Национален собир на Марин Ле Пен.

Националниот собир тесно ја победи партијата на францускиот претседател која падна на второ место на европските избори, но Макрон се издигна како потенцијален владетел во распоредувањето на највисоките функции во ЕУ по гласањето.