Таков касмет има СДСМ, да владее во кризно време и да носи тешки одлуки за време на своето владеење, вели Сања Лукаревска, заменик претседателка на СДСМ, која беше гостин во Студио 10 на ТВ 24.

Не би рекла дека станува збор за конгресен дебакл, додава Лукаревска.

– Ние сепак имавме отчетен конгрес на кој ги посочивме грешките спакувани во еден обемен извештај а презентиран од нашиот генерален секретар. Од општинските организации беше побарано повеќе време да се дискутира и да се анализираат овие податоци од извештајот. За да стигнеме до тоа дали имало кворум на конгресот или не требаше да заседава верификационата комисија. Ние не стасавме до таа точка од конгресот, вели Лукаревска на прашањето дали вчерашниот конгрес на СДСМ е прекинат поради немање кворум оти не дошле претставниците од општинските клубови.

Таа вели дека е вообичаено прво да се обрати претседателот на партијата што Ковачевски и го стори. На коментарот даден за ТВ 24 на еден од кандидатите за претседател на партијата, Јован Деспотовски, дека е преседан да се прекине конгрес и дека никогаш досега тоа не се случило, Лукаревска вели дека секогаш имало делегати кои не доаѓале на конгресот, но според неа тоа не е причината за прекинувањето на конгресот.

– Извештајот вели дека нашата грешка е пренагласеноста на некои наши стратегии и визии. Секоја изборна единица има различна теза и политика која е приоритет, а ние бевме насочени кон тези кои не беа вистинскиот наратив за тие гласачи. Ние недоволно се обраќавме на неопределените. Ние не излегувавме во пресретн на одредени интереси на членството, како и нашата недостапност и ароганција, вели Лукаревска.

Таа додава дека заложбата на СДСМ по доаѓањето на власт беше непосреден контакт со граѓанството, но дека сепак биле направени грешки.

– Ние ја разбравме пораката, ние ја слушавме пораката. Несомнено е дека сите кои имале функција во СДСМ има соодветна грешка и во таа колективна одговорност сите сме по едно камче во таа одговорност. Но, не смееме да заборавиме дека функциониравме во кризно време. Правевме и многу отстапки за да функционира државата. СДСМ има таков касмет да владее во кризно време и да носи тешки одлуки за време на своето владеење и тоа се рефлектира врз гласачите и членовите доколку тоа добро не се објасни, а ние очигледно потфрливме во тоа да им објасниме на луѓето, вели Лукаревска.