Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, вечерва во гостување во емисијата „На Прва“ на МРТ1, со јавноста ја сподели финансиската состојбата која ја наследил од претходното раководство на општината Карпош, истакнувајќи дека огромни финансиски средства се издвојуваат за плата и режиски трошоци на, како што тој вели, наследената гломазна администрација.
Истовремено Лукровски обзнани дека во моментот активни се дваесет и седум судски постапки од кои во дваесет и пет општината се јавува како тужена странка.
„Имаме дваесет и седум отпочнати судски постапки во кои дваесет и пет сме тужени. Ако тие сите се донесат во корист на оние кои не тужат, три милијарди денари е сумата која ние треба да ја исплатиме по основ на тужбите“, рече Лукровски и додаде:
„Наследив тужбени побарувања од кои во моментов, месечно, плаќаме шест милиони по основ на рати и уште други три милиони по основ на два кредита.“
Лукровски сподели дека согласно вака наследената состојба во општината, истата во континуитет е посетена од страна на надлежните органи како Финансиска полиција, службени лица од организиран криминал, споменувајќи ја и тримесечната работа на ДЗР, и изјави дека за секое неодговорно постапување ќе биде побарана одговорност.
„Можам да кажам дека уште од доаѓањето во општината и наследувањето на ситуацијата, по службена должност во нашата општина, во континуитет е посетена од Финансиска полиција, од припадниците на организиран криминал, заврши и минатата недела ревизијата од државниот орган, три месеца траеше. Следува извештај на основ на она што они го увидоа после цели три месеци работа, така да претпоставувам дека ќе имаме простор за да побараме одговорност“, дециден е Лукровски.




