Во рамки на манифестацијата „Карпошово културно лето 2026“, претпладнево, во организација на ФК „Лепенец“, на фудбалските терени на клубот , во населеното место Бардовци започна дводневниот младински фудбалски турнир. Во него учествуваат 32 екипи поделени во две генерации: 2016 (шеснаесет екипи) и 2017-та година (шеснаесет екипи). Овој настан има за цел да ги промовира спортските вредности, фер-плејот, другарството и здравиот развој на младите генерации преку спортот.
На спортскиот турнир, присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, кој истакна дека спортот е одлична можност младите да го развиваат својот потенцијал, да се учат на дисциплина, одговорност, правилни животни вредности и да ја насочуваат својата младешка енергија во вистински правец. Како знак на благодарност за поддршката и придонесот кон развојот и промоцијата на спортот, претседателот на ФК „Лепенец“, м-р Игор Божиновски, му врачи благодарница на градоначалникот Лукровски.
Општина Карпош, како локална самоуправа е покровител на овој спортски настан. Општината и во иднина ќе инвестира во промоција на спортски настани, млади спорски таленти и спортски турнири.
Саботното претпладне, градоначалникот Лукровски го искористи и за посета на црквата Св. Троица во Бардовци, каде ќе се одржи последната вечер од Карпошовото културно лето. Имено, во дворот на оваа црква, вечерва настапува фолклорниот ансамбл „Етнос“, а потоа карпошани ќе уживаат во веселите звуци на незаборавните фолк пејачи, Душко Георгиевски, Миле Кузмановски и Зуица Лазова.




