Пишува: Стојанче ГЕРОВСКИ
(авторот е адвокат и магистер по меѓународна политика)
Третиот дел на анализата (линк до првиот дел и до вториот дел), а во делот на програмските определби на една политичка партија за нејзино опстојување на власт, продолжува во понатамошен правец на ветувањата на СДСМ во предизборните циклуси.
Склучувањето на Договор за добрососедство со Р. Бугарија воопшто не беше дел од програмските определби на СДСМ.
Ниту во програмските определби од програмата 2016 – 2020, ниту од програмата 2020 – 2024 не е завземен став за потпишување на ваков договор, а од кој произлегоа недозволиви и срамни моменти во делот на добивање позиција за губење на „Македонскиот јазик“ како институт, а потоа и прашањето за идентитетот на македонската држава и нација, сметајќи ја истата како измислена категорија со нејзини почетоци исклучиво од 1945 година, па наваму.
Ниту една владеачка структура го нема легитимното право да се откаже од својот јазик, а уште помалку од идентитетот на сопствениот народ без тоа да го посочи во својата програма со која настапува пред граѓаните и со која ја бара довербата од граѓаните, а за кое претставување пред граѓанството секако би се поставило прашањето за добивање на доверба за водење на државата.
Во тоа смисла, летаргичното однесување на Владата по однос на прашањата со Бугарија и дозволувањето на Комисијата за историски прашања да решава за македонскиот јазик, а потоа и за идентитетот на Македонецот, иако тоа на никаков начин не е предвидено со Договорот за добрососедство, ги отвори недозволивите прашања за историското наследство и воопшто за постоењето на Македонија и на Македонецот.
Спротивно на програмските определби на СДСМ – „…Македонија денес е единствената држава на Западниот Балкан која нема отворени прашања со ниеден од своите соседи“.
Заради тоа е неопходно потребно, членовите од историската Комисија назначени од страна на македонската Влада, да ги обзнанат пред македонскиот народ актите со кои се овластени за овие преговори, не заради нивно легитимирање за водење на преговорите, туку заради согледување на нивните овластувања во делот за можноста да преговараат за значењето и опстојувањето на „Македонскиот јазик“, како и за значењето и опстојувањето на „Македонскиот идентитет“.
За решавање на овие прашања Владата нема добиено легитимитет од граѓаните, па аналогно на тоа, Владата не ни може да пренесе вакви овластувања на членовите на оваа Комисија.
Дотолку повеќе што со „Договорот за добрососедство“, завршната одредба од истиот децидно предвидува:–
„Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни“.
Тоа јасно потврдува дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не може да биде предмет на анализа на оваа Комисија, од причина што сите договори кои ги има склучено Република Македонија, се склучени во повеќе верзии, од кои една верзија е на македонски јазик, а во име на македонскиот идентитет.
Таков е случајот и со самиот Договорот со Р. Бугарија, забележан како – „Потпишан во………………. на ………………………… во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност“.
На тој начин, обелоденувањето на преговорите е сега и во моментите додека траат преговорите. Тоа е така затоа што граѓаните имаат право да знаат за каква нивна иднина се преговара, а политичарот има за обврска тоа да го соопштува на граѓаните во сите фази на преговорите. Тоа е суштината на демократијата.
Премиерот како претставник на извршната власт е должен да го известува Собранието како претставник на законодавната власт за сите постапки кои ги превзема или има намера да ги превземе. Премиерот како претставник на извршната власт е должен да ги известува граѓаните за текот на секоја фаза од преговорите.
Тоа се во суштина и причина поради кои Обединетите Нации не ја прифаќаат тајната дипломатија.
Причината е едноставна – не е дозволено преговарање кое е спротивно на интересите на граѓаните.
Една стара изрека во делот на владеењето вели – „Со вакви методи човек може да освои власт, но не и слава“, а на Македонија во овие моменти и е потребна власт, но не власт која во овие моменти работи исклучиво спротивно на интересите на сопствените граѓани и која отвори недоразбирања скоро со сите соседни држави, спротивно на нејзините програмски определби – „…Македонија денес е единствената држава на Западниот Балкан која нема отворени прашања со ниеден од своите соседи“.